Дизајнерката Тошева ја претстави новата колекција „Муур“

Дел од новата колекција на дизајнерката Ирина Тошева / Фото: Александра Костадиновска

Модната дизајнерка Ирина Тошева ја претстави новата колекција „Муур“, од која со секое купено парче облека ќе се засади дрво именувано според купувачот, и тоа на различни локации во државата, благодарејќи на партнерската соработка на Тошева со Трибенкс. Тие уште на почетокот на минатиот месец го најавија нивниот концепт.

– Колекцијата потекнува од место на прагматизам, со ограничените ресурси што ги имавме на располагање, а, во суштина, токму ограничувањата ни дадоа поостар фокус во сите аспекти. Видеото и едиторијалот се снимени на две монументални, но по малку заборавени локации во градот. Ги одбрав скопскиот Аквадукт и тврдината Кале со цел да се разбуди колективната свест за зачувување на нашето културно-историско наследство – вели дизајнерката.

Како што додава таа, облеката не е само апстрактна претстава на креативната визија, колку и да е иновативна. Самата изработка и занаетот прават таа да заживее, како израз на човечката опиплива и извонредна креативност.

– „Муур“ е прослава на сè она во што верувам. Отпечаток, жиг на едно време – истакнува Тошева.

Во составот на модели кои ги објави дизајнерката, застапени се текстурирани еколошки материјали во природни тонови, како што се рустичниот памучен жакард, конопот и јутата проткаени со сирова свила, муслин од органски коноп и лен со European Flax® сертификат. За првпат дизајнерката работи со макраме – древна техника на рачно врзување јазли. Чевлите, пак, произведени се од пресувана плута во соработка со брендот Schuster.

Во реализацијата на видео кампањата и промотивните фотографии за презентација на колекцијата учествуваа петнаесет локални креативни дејци и индустрии.

Колекцијата е дел од поддржаните проекти од Национален интерес за 2020 година од Министерство за култура и проект од локален интерес во културата на Град Скопје за 2020 година.