Дивата депонија кај Ново Село пак се полни и пали, од Комунална хигиена велат собрале повеќе отпад од лани

Фото: Иницијатива О2

Дивата депонија кај Ново Село, општина Ѓорче Петров, повторно се полни со отпад и се пали и од таму секојдневно се шири неподнослива миризба, реагираат од граѓанската О2 Иницијатива, од каде посочуваат дека секојдневно во депонијата се носи шут.

„Дивата депонија кај Ново Село деновиве секојдневно си работи, се топат кабли на отворено, се преработува отпад. „Циркуларна економија“ – некој се прави слеп, некој заработува на наше здравје, некој прави голем профит…“, пишуваат на Фејсбук од О2 Иницијативата, споделувајќи повеќе видеа од граѓани на кои се гледа чадот од горењето на отпадот во оваа депонија.

И додека од 02 Иницијативата реагираат за ситуацијата со дивата депонија кај Ново Село, од ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска соопштија дека во периодот јануари-јуни 2021 година, нивните екипи само во првите шест месеци од годинава отстраниле над 7.000 метри кубни отпад одложен на јавни површини, а исчистиле и неколку диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Тие додаваат дека во периодот од 18 до 22 мај годинава ја спровеле акцијата за собирање кабаст отпад во сите скопски општини и дека се собрале и транспортирале рекордни 630 метри кубни одложен мебел и елекронски и електричен отпад. 

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје соопштуваат дека во првите шест месеци од годинава подигнале и транспортирале вкупно 79.499 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел од градот, што е за 4.921 тони, или за 6,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани.