Сите научни студии што се правени и се прават во светот, како и мерењата што се прават таму каде што се користи оваа технологија, но и мерењата при тестовите во Скопје, покажуваат дека 5Г технологијата нема докажано штетно влијание на човековото здравје, или на животната средина. Добро е секогаш да сме внимателни, да поставуваме прашања за влијанието на различните технологии, но истовремено и да ги следиме резултатите, односно бројките, од проверките, а не да веруваме само на теориите на заговор. А, проверките досега не покажале штетно влијание од оваа нова технологија, што ќе донесе големи придобивки не само за граѓаните и за удобното и безбедно живеење, туку и за бизнисите, индустријата, па и медицината.
Таква порака упатија денеска учесниците на панел дискусијата Дијалози за Дигитална агенда: Сè што сакавте да знаете за 5Г технологијата во организација на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA”.
За сите аспекти на оваа технологија што сè уште не е во употреба ниту кај нас ниту во земјите од Западен Балкан, а чие воведување може да се очекува во следниве години на настанот што се одржа преку „Зум“ говореа Бардил Јашари, извршен директор на Фондација за интернет и општество Метаморфозис, потоа д-р Борис Арсов, Раководител на Секторот за телекомуникации во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), д-р Томислав Шуминоски, доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), како и Васко Најков, Директор на Секторот за пристапни мрежи во Македонски Телеком.
Проблемот е во ширењето дезинформации од неинформирани актери
Најголем проблем во врска не само со 5Г технологијата, туку и со зрачењето од 4Г, која сега се користи како најнапредна, е тоа што се шират многу дезинформации. Тоа се должи на фактот дека луѓето се исплашени од можни штетни ефекти, што е нормално и очекувано, но истовремено имаат и мали познавања за фрекфенциите, на пример. И така се создава простор за пласирање во јавноста на различни небулози, порача директорот на Фондација „Метаморфозис“, Бардил Јашари, кој е и електроинженер.
„Во поглед на здравјето, колку што знам, во ниедна држава досега нема пријавено или потешко ќе се докаже дека нешто лошо се случува со 5Г технологијата и нејзиното влијание врз луѓето. Кај нас и АЕК и ФЕИТ имаат направено тестови, а досега не сум чул или прочитал факти за лошо влијание, освен теории на заговор. Ваквата загриженост според мене не е нешто лошо – тоа значи дека граѓаните имаат поголема свест и бараат повеќе сигурност пред да почнат да ја користат оваа технологија, а тоа само ќе придонесе да се подобри безбедноста на оваа технологија и уредите. Сметам дека овој страв од 5Г, оваа технофобија, зборува за непознавање на работите, непознавање за фрекфенциите на пример. Се изнесуваат тврдења дека уредите за 5Г многу се загревале… Па и постар уред, ако зборувате 20 минути, нормално е дека ќе се загрее“, посочи Јашари.
Дека не треба да се стравува од 5Г, па ни од 4Г, 3Г, па и од 2Г, на пример, во земјава, е согласен и доцент д-р Томислав Шуминоски од ФЕИТ. Тој рече дека како припадник на академската заедница е апсолутно уверен дека зрачењата од мобилните антени во земјава се далеку од докажано штетни. Напротив, вели тој, досегашните мерења на АЕК покажале најмногу до 15 отсто зрачење под максимално дозволената граница. И, нагласи тој, и операторите и производителите на опрема не би имале интерес да пласираат нешто што ќе ги убива луѓето, односно нивните корисници.
„Како што може да се види од опсезите на фрекфенциите што се предвидени за 5г, а се тука некаде до фрекфенциите за 4Г, секој може да ги прочита истражувањата и извештаите од мерењата на АЕК на нивната веб страница. Најмногу е измерено до 15 отсто помало од максимално дозволеното. Може да се прочитаат и извештаи и трудови во светот… Од истражувањата во светот што сум ги видел, можам да кажам дека нема забележано негативни штетни влијание на човековото тело од електромагнетното зрачење, односно зрачењето од базните станици“, нагласи Шуминоски.
Тврдењата од теориите на заговор, според него, се како некој што верува дека Земјата е рамна да убедува и да изнесува „докази“ на некој што бил во вселената дека нашата планетa е плоча.
„И, ова со 5Г заговорите ми изгледа како некој што верува во Рамна Земја да го прашува, да речеме, Јуриј Гагарин, којшто отишол во вселената, и да го убедува дека Земјата е рамна“, нагласи Шуминоски.
Редовните мерења покажуваат многу помало зрачење од максималното
И мерењата при тестирањата на 5Г технологијата во центарот од Скопје минатата година од страна на двата мобилни оператори „Телеком“ и „А1“, но и сите досегашни мерења од АЕК вршени во земјава од 1996 година, кога е воведена мобилната телефонија“ не покажале пречекорување на максимално дозволеното електромагнетно зрачење од базните станици, рече д-р Борис Арсов од АЕК. Имало пречекорувања кај предавателите на радијата, но кај базните станици на мобилната телефонија сите мерења на агенцијата покажале многу помало зрачење од најголемата дозволена граница.
„АЕК врши констатни мерења во овој поглед, оти ова е деликатна тема – дали нејонизирачкото зрачење влијае на здравјето – па во поглед и на 4Г имаме законска обврска да вршиме редовен надзор, потоа вонреден надзор по пријава на поединец и институции, па ако има забелешки да наложиме операторот да го отстрани проблемот, а потоа и контролен надзор за да видиме дали операторот реагирал, и досега воопшто сме немале случај да забележиме надминување на вредностите. Со сигурност можам да кажам дека од 1996 година досега на ниеден оператор што има базни станица, АЕК му нема издадено забелешка за прекумерно зрачење на базна станица.
Сите резултати што досега сме ги измериле се во рамки на нормала односно 10 до 100 пати од граница на дозволено. Нашите извештаи може да се видат на нашата веб-страница.
Единствено пречекорување има кај радијата во етерот на ФМ, и тоа од некои комерцијални причини. Повеќе кај локалните радиостаници, на пример, ако има лиценца само за Кавадарци а предавателот е на Љубош, радиото да ги покрива и Гевгелија, Неготино и Велес, па ние раеагираме во таков случај. А овде, кај мобилната телефонија, АЕК досега нема издадено забелешка во поглед на пречекорување на нејонизиранчко зрачење“, порача Арсов.
Во поглед на опасностите што може да ги донесе 5Г технологијата, Бардил Јашари ги истакна можните прекршувања на човековите права и приватноста од страна на операторите или други чинители и истакна дека државните органи имаат задача да изготват законски и подзаконски решенија што би оневозможиле неовластено следење или прислушување.
Во поглед на придобивките, и четиримината говорници на настанот на ИЦЕДА ги истакнаа многу поголемите брзини и многу помалата латенција на интернет врска во однос на сегашните, можноста за користење за далечинско управување во реално време и во индустрија, па дури и во далечинска хирургија, но и придобивки во поглед на управување со уредите во домот и кога не сте дома, во рамките на „Интернет на нештата“. Беше нагласено и дека 5Г технологијата ќе има огромна улога во воведувањето на автомобили и камиони без возач.
„5Г технологијата ќе донесе многу поголеми брзини – од 10 до 50 гигабити во секунда, а со о денешната се стигнува до 200-300 мегабити“, илустрираше Шуминоски.
Инаку, како што истакнаа и Арсов од АЕК и Васко Најков од Македонски Телеком, иако Националната стратегија предвидува до 2023 најмалку еден поголем град да биде покриен со 5Г технологија, а до 2025 и 50 отсто од популацијата, сега се уште се дефинираат конечните рокови, коишто зависат од многу фактори, но наскоро би требало да се знае повеќе.
АЕК во моментов е пред издавање на тендер за 5Г фрекфенции, а сите заинтересирани може да изнесат забелешки или предлози. Текстот на намерата за отворање тендер може да се види тука.