Учесниците на Зум-дискусијата по повод 11-от роденден на Истиномер.

Пандемијата на ковид-19, освен што донесе нови големи проблеми за човештвото, донесе нов огромен предизвик за проверувачите на факти, со изобилството дезинформации за новиот корона вирус и болеста што ја предизвикува: ковид-19.

Потребата на граѓаните, посебно во некои балкански земји, да ги добијат вистинските информации, беше занемарена од страна на оние кои беа должни да ги изнесат, односно властите. Сепак, колку и да е тешка, работата на проверувачите на факти и борците против дезинформациите е и извор на задоволство, поради фактот дека тие помагаат да се даде вистинската информација на луѓето и да се сузбијат бројните лаги кои не само што може да го нарушат здравјето, туку и да доведат до смртни последици.

Тоа е генералниот заклучок од дискусијата што денеска по повод својот 11-ти роденден ја организираше српски „Истиномер“. На дискусијата модерирана од новинарот на „Истиномер“, Синиша Дедеиќ за предизвиците во борбата против дезинформации говореа Весна Радојевиќ, уредник и новинар на „Раскрикавање“ од Србија; Милијана Рогач, новинар на „Истиномер“ од Србија, Ана Бракус, новинар на „Фактограф“ од Хрватска, Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“ од Северна Македонија, организација – основач на сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и на онлајн ресурсниот центар CriThink.mk, како и Даниел Функе, новинар на еден од најголемите светски сервиси за проверка на факти „Политфакт“ од САД.

Претставувајќи ги темите со кои главно нивните сајтови се занимавале годинава, а во кои убедливо над сè предничи пандемијата и сите дезинформации поврзани со неa,  претставниците на „Истиномер“, „Вистиномер“ и „Фактограф“ зборуваа и за соработката со Фејсбук на неговата платформа за сузбивање против дезинформациите, согласувајќи се дека искуствата и во Србија и во Северна Македонија и во Хрватска се речиси исти – навреди, закани, прогласување за издајници.

„Оценките и од политичарите чии изјави ги оценуваме и од ширачите на дезинформации чии постови ги означуваме како неточни е иста – велат: Вие сте предавници, платеници, работите за друга земја, а и ним и на граѓаните за тоа време додека се посветени на вакцините, 5Г технологијата, наводните начини на лекување, под радар им поминуваат битните работи, како загадениот воздух, излевањето отпадни води во Дунав, масовното снимање и нарушување на приватноста во Белград… Но, тие теории на завера и лекови им се одредени „пакетчиња“ на некаква смисла, работи кои им се разбирливи…. Затоа, во денешно време, кога вистината е обезвреднет поим, читателот станува евтина работна сила, евтин клик на некои што така сакаат да печалат“, рече Милијана Рогач од „Истиномер“.

На прашањето на модераторот на дискусијата што се одржа онлајн, преку платформата Zoom, како да се истрае во поплавата на дезинформации, сите учесници порачаа дека кога човек ќе се определи за вистината и за помагање на луѓето да ја дознаат и да си помогнат себеси, никој напор не е претежок.

„Ние во основа се бориме против едно средновековно размислување, работиме еден период на просветителство, собираме емпириски информации и користиме некои методи за да провериме дали работите што се кажуваат се точни, и сметам дека во поглед на вистината мора да продолжиме да се залагаме за вистината“, порача Филип Стојановски.