Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Кеш Пател, поднесе тужба за клевета против магазинот „Атлантик“ и новинарката Сара Фицпатрик, по објавувањето на текст во кој се тврди дека има проблем со алкохол што би можел да претставува ризик за националната безбедност, пренесува Ројтерс.
Во написот, првично насловен „Непредвидливото однесување на Кеш Пател може да го чини работно место“, се повикува на повеќе од дваесет анонимни извори кои изразуваат загриженост за неговата „очигледна алкохолизираност и необјаснети отсуства“, што, според нив, предизвикало загриженост кај службеници во ФБИ и Министерството за правда. Во подоцнежната онлајн верзија, текстот бил преименуван во „Директорот на ФБИ го нема“, при што се наведува дека поради неговите „ноќи поврзани со алкохол“, се одложувале состаноци и се доцнело со носење важни одлуки.
Белата куќа, Министерството за правда и самиот Пател ги отфрлија овие наводи. Во текстот е вклучена и негова изјава „објавете го, сè е неточно, ќе се видиме на суд.“
„Текстот на Атлантик е лага. Ја имаа вистината пред објавувањето, но сепак решија да пласираат невистини“, изјави Пател за Ројтерс. Од „Атлантик“ соопштија дека стојат зад своето известување и дека ќе се бранат од, како што велат, неоснованата тужба.
Ројтерс не можеше независно да ја потврди точноста на написот, ниту причината за промената на насловот.
Во тужбата, поднесена пред федерален суд во Вашингтон, Пател бара отштета од 250 милиони долари, тврдејќи дека магазинот објавил „лажни и фабрикувани обвинувања“ со цел да му се наруши угледот и да биде отстранет од функцијата.
Дополнително, се наведува дека „Атлантик“ ги игнорирал демантите од ФБИ и не одговорил на барањето на неговиот адвокат за дополнително време за реакција пред објавувањето на текстот.
Тужбата се повикува на „реална злонамерност“, правна норма според кој јавна личност треба да докаже дека медиумот свесно објавил неточни информации или постапил со груба небрежност кон вистината.
Правни експерти, пак, оценуваат дека ваквите тужби тешко се докажуваат. „Потребно е да се покаже дека медиумот знаел дека објавува неточни информации, што е многу висок праг“, изјави медиумската адвокатка Дијана Шулман.
Ова е најнов случај на тужба од страна на функционер од администрацијата на Доналд Трамп против медиум. Претходно, судовите ги отфрлија тужбите на Трамп против „Си-Ен-Ен“, „Њујорк тајмс“ и „Волстрит џурнал“, иако дел од нив подоцна беа повторно поднесени.
Поранешниот заменик-директор на ФБИ, Ден Бонџино, за Ројтерс изјави дека никогаш не се случило Пател да биде недостапен, како што се тврди во текстот. „Ако не можете да стапите во контакт со директорот, се обраќате кај заменикот, а тоа бев јас“, рече тој.
