Фото: Арбнора Мемети

Од ден на ден сѐ поголемиот број на новозаболени со ковид-19 не е единствениот проблем со кој се соочуваат охриѓани кога станува збор за пандемијата. Имено, од неодамна по социјалните мрежи кружат списоци со лични податоци наводно на пациенти заразени од ковид-19 од градот, што поттикна бурна дебата по социјалните мрежи, но и медиумите.

Директорот на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точков го осудува објавувањето на информации кои кружат на социјалните мрежи и во јавноста. Апелира оној што објавува списоци да престане да го прави тоа, бидејќи на тој начин не помага ниту на себеси, ниту на другите.

„Списоците кои ги видовме не наликуваат на нашите листи и евиденција во ЦЈЗ и ниту еден список не е излезен од ЦЈЗ. Посебно не по социјалните мрежи. Пријавивме во полиција пред 2 месеци и пред 2 недели, се консултиравме со надлежните да се покрене постапка и да се открие изворот“, вели Точков.

Објавувањето на такви списоци е кривично дело. Според Член 25 од Законот за заштита на правата на податоците, пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи, Стефан Димоски пак вели дека досега немаат добиено пријава поврзана со ширење на вакви списоци со имиња. Ги повикува граѓаните, тие што имаат таква информација да ја пријават во СВР Охрид.

Епидемиологот доктор Јованка Стурлакова Коровешовска од Центарот за јавно здравје-Охрид, пак, објаснува дека во охридската болница има наплив на пациенти. Таа смета дека дел од граѓаните воопшто не треба да се хоспитализирани, затоа што им го земаат местото на тие со потешка форма на болеста. Од друга страна пак, продолжува и несовесното однесување на поединци кои продолжуваат да ја шират заразата, вели Коровешовска.

„Најголем проблем е што болните одат на работа, се шетаат и кријат дека се болни. Одат по кафеани, се дружат, а имаат симптоми и се болни. Не научија дека изолацијата е најдобра превентивна мерка да се спречи ширењето на епидемијата. Владее некој егоизам од видот „мене кој ме разболе?” или, „ако јас сум болен, тогаш сите нека бидат болни“, потенцира Коровешоска.

Според последните податоци од Министерството за здравство, во Охрид има 389 активни случаи со ковид-19.