Полицијата во Демир Хисар поднесе кривична пријава против директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска заради наводно криење на службените печати. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавата до Јавното обвинителство во Битола се однесува на кривичното дело одземање или уништување службен печат или спис.
Во соопштението се вели дека пријавената во периодот од 06.08.2025 до 13.08.2025 година противправно ги криела службените печати, сопственост на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар, со што ја оневозможиле новоименуваната директорка Ј.Д. (43), назначена од општината Демир Хисар, да ги користи.
Неколку дена претходно, на еден ден пред распишување на локалните избори, полициски инспектори од МВР извршија претрес во домот, службените простории и автомобилот на директорката Лозановска, која во тој момент била на боледување, во обид да го најдат печатот од училиштето бидејќи локалните власти имале намера да ја сменат од функцијата.
