Гир: Над 2 милиони ученици заминале од Украина без можност да го завршат образованието

Фото: Принтскрин

Со руските ракети се оштетени над 2.700 училишта во Украина, комплетно се срамнети со земја над 100 образовни институции, а над два милиони украински ученици заминале од земјата без можност соодветно да го завршат образованието.

Ова на денешната панел дискусија по повод годишнината од руската инвазија во Украина, го посочи евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, зборувајќи за штетите од војната врз образованието и врз младите генерации. Панел дискусијата беше насловена како „Интегрирање на учениците и студентите бегалци во образовниот систем: Презентирање на Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција во врска со руската војна во Украина“ во организација на „Јуроп хаус“.

„Сојузот на средношколци од Северна Македонија ќе ја претстави Резолуцијата на Организирачкото биро на европските средношколски сојузи. Овој документ се посветува на тешкотиите на младите Украинци, на влијанието на војната врз нивната безбедност, на нивниот извор на приход, на нивната благосостојба и психичка и физичка, како и на нивното право за образование кое што е гарантирано во Универзалната декларација за човекови права. Па така во еден дух на солидарност средношколците размислуваат како да им помогнат на пријателите во Украина и осмислија конкретни предлози“, изјави Гир.

Украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир, исто така се осврна на стравотните бројки на уништени образовни институции и иселени ученици, како последица на руската агресија.

„Со бомбардирање и артилерија руската армија уништи 3.126 образовни установи и 338 од нив беа срамнети со земја. За време на војната руската војска уби 461 дете, рани 923 деца, 368 деца исчезнаа, над 16.000 беа нелегално депортирани во Русија. Агресијата од Русија предизвика неколку сложени проблеми во образованието во Украина, главно ова се однесува на присилно раселените деца, кои беа принудени да го прекинат образованието одреден период, а уништувањето на инфраструктурата на училиштата, градинките, универзитетите, е непроценлива штета“, рече Дир.

Таа појасни дека услов за сите училишта и универзитети во Украина е да постои засолниште од бомби, кои мора да се опремени со сè што е неопходно ако дојде до ракетен напад.

„Во случај на напад, часовите се одржуваат во овие засолништа, универзитетите во опасните области во Украина, се преселени во делови во Украина каде што нема такви напади, на пример неколку универзитети од Мариупол се преселија во Киев“, изјави таа.

Дир потсети дека Северна Македонија обезбеди привремено засолниште и заштита на над 300 Украинци кои беа принудени да ја напуштат својата татковина, при што украинските деца учат во македонски училишта и добиваат образование на македонски јазик.