Дипломатите во последен обид да ги донесат светските лидери на Конференцијата за климатски промени

Велика Британија, САД и ЕУ вложуваат огромни напори преку својата климатска дипломатија за да ги донесат сите светски лидери на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации КОП 26, кој ќе започне во Глазгов на 31 октомври, пренесува Гардијан.

Станува збор за лидерите на Кина, Индија, Индонезија, Саудиска Арабија, Бразил, Русија и Мексико, кои досега не излегоа со нови ветувања за намалување на емисиите на стакленички гасови кои се неопходни за успешен самит во Глазгов.

Гардијан пишува дека кинескиот претседател Си Џинпинг не патувал надвор од неговата земја уште од јануари 2020 година. Британскиот министер Алок Шарма планираше да се сретне со кинески претставници откако на површина излезе прашањето дали Си Џинпинг ќе биде присутен лично на самитот во Глазгов. Учеството на Кина на највисоко ниво КОП 26 е исклучително важно, исто како што е значајно да учествуваат и лидерите на останатите земји од Г-20, кои пред самитот треба да ги презентираат нивните национални планови за намалување на стакленичките гасови.

Потпретседателот на Европската Комисија Франс Тимерманс викендов ќе отпатува во Индија и Индонезија, како би ги убедил тамошните лидери да присуствуваат на КОП 26 во Глазгов. По Кина и САД, Индија е третиот најголем загадувач на атмосферата со стакленички гасови во светот, додека Индонезија има огромен удел во глобалното затоплување поради нејзината зависност од јаглен.

Џон Кери, специјалниот претставник за клима на САД изминативе денови оствари средби со претставници на Кина, Мексико, Русија и Саудиска Арабија, како би осигурал претставниците на КОП 26 од овие земји да бидат присутни на највисоко ниво и да ги прифатат обврските кои ќе значат продолжување на напорите за одржување на растот на просечната температура на воздухот во глобални рамки до 1,5 Целзиусови степени.

Инаку, Велика Британија се надева дека на КОП 26 ќе се постигне договор за обезбедување на 100 милијарди долари што ќе бидат наменети за земјите во развој, како и да се постигне напредок во договорите за запирање на уништувањето на шумите и уништувањето на природата во светски рамки.