fbpx

„Дипфејк“-от и манипулаците преку Интернет се следните предизвици за демократиите

-

„Дипфејк“ (Deepfake) е новата верзија на „фејк њуз“ (FakeNews) или лажните вести. Речникот на Макмилан терминот „дипфејк“ го дефинира како аудио и видео на една личност, манипулирано за да изгледа и звучи како вистинска личност, велејќи нешто што таа личност не го кажала никогаш. Изразот „дипфејк“ е изведен од комбинацијата на два збора, deep (длабок, длабока) и fake (лажен/а, лага, измислица, измама).

Ако во последните години се зборуваше многу за лажните вести, за опасноста што произлегува од нив и како да се заштитиме од нив, во последните неколку месеци, фокусот се повеќе се префрла на „дипфејк“ – длабока лага, длабока измислица, длабока измама. „Дипфејк“ како лажна содржина не е само текстуална, туку преминува и на лажна визуелна содржина.

„Фејк њуз“ 2.0 или „дипфејк“ е технологија базирана на вештачка интелигенција што се користи за производство или изменување на видео содржини со цел да се претстави нешто што всушност не се случило. Со помош на различени софтвер, можат да се комбинираат или преклопуваат лажни слики и видеа над слики или видеа кои веќе постојат.

Технологијата на создавање лажно видео покажува дека во денешно време, повеќе од кога и да било, мораме да бидеме исклучително внимателни во што веруваме, па дури и кога ќе видиме нешто, не смееме да веруваме априори.

Истражувачите за етика во медиумите, Филип Патерсон и Ли Вилкинс, повикувајќи се на традиционалните медиуми, велат дека „да се види не значи дека е вистинско“. Но, од 2009 година, кога ја објавија книгата „Етика во медиумите: проблеми и случаи“, проблематиката во општеството е веќе зголемено повеќекратно, затоа што освен традиционалните медиуми, од кои треба и денес треба да внимаваме, сега главната опасност од измама постои во светот на интернетот.

Некое лажно видео каде некој политичар се изјаснува за одредена тема може да биде „дипфејк“, а истото може да се сподели на социјалните медиуми и е тешко препознатливо за секого. Манипулацијата преку лажно видео ја засилува изјавата на американскиот истражувач Шила Ривс која во 1987 година ги нарече видеата „контролирана течност“.

„Дипфејк“ е многу опасен вирус за новинарството. Додека луѓето не можат веќе да веруваат во она што го гледаат и да го слушаат, лесно е за секој политички водач да одрече секое известување што не им се допаѓа, нарекувајќи го тоа измислица. Не е случајна изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кога тој им порача на граѓаните да не забораваат дека тоа што гледаат и што го читаат не е она што се случува. Се разбира, потсетувањето на Трамп не се однесуваше на лажите вести или „дипфејк“, туку на традиционални, мејнстрим медиуми во Америка. Значи, под какви било околности, „дипфејк“ може да испадне и повлијателен од лажните вести.

Креаторите на „Дипфејк“ користат различни техники, вклучувајќи менување на лицето, поставување израз на лицето врз лице на друга личност, или синхронизирање на движењето на усните.

Во САД, мејнстримот медиумите веќе започнаа со обука на новинари за тоа како да препознаат „дипфејк“. Еден од начините да се открие дека видеото е „дипфејк“ е да се контролираат овие видеа користејќи софтвер за видео уредување. Со проверка на визуелните слики за секоја рамка, може да се забележи неприродно осветлување или движење, разлики во бојата на кожата или какви било знаци близу устата.

Обуката на новинарите е многу важна, но мисијата не се исполнува доколку за овој феномен не се едуцира и публиката. Ваквите трендови ја прават медиумската писменост поважна од кога и да било, и потребата таа да биде задолжителен дел од наставните програми во целиот регион.

Скандалот „Пицагејт“ (pizzagate) е показател за влијанието што може да го има објавувањето лажни вести. Овој скандал се однесува на објавување на вест дека во пицеријата „CometPingPong Pizza“ во Вашингтон, деца биле сексуално малтретирани, а во тоа била вклучена и кандидатката за претседателка на САД, Хилари Клинтон и нејзината десна рака за време на предизборната кампања, Џон Подеста. Покрај пораките со закани по животот кои биле упатени до сопственикот на пицеријата, еден 28-годишник од Северна Каролина патувал во Вашингтон за да се соочи со сопственикот на пицеријата и вработените. Налутен од веста што ја прочитал, која всушност била лажна, тој пукал кон пицеријата, но за среќа не повредил никого.

Студијата на Институтот за технологија во Масачусетс открила дека на вистинските вести, за да достигнат 1.500 луѓе на „Твитер“, им требало шест пати подолго време отколку на  лажните вести. Во меѓувреме, се разбира, важна улога играат ботовите, кои вообичаено се користат за да се забрза ширењето на лажни вести.

Фактите ќе продолжат да ја губат својата моќ бидејќи видеата и сликите стануваат пософистицирани, предизвикувајќи сомнеж во примарниот материјал. Лажните говори на политичарите или некој друг ќе продолжат да се споделуваат на социјалните медиуми, а општеството и понатаму ќе биде жртва на овие видео измами, бидејќи имитацијата на различните фигури извршени со напредни компјутерски програми е тешко да се забележат.

(Авторот Дрен Гергури е предавач на Одделот за новинарство на Универзитет во Приштина „Хасан Приштина“)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...