Димовски: Владата на Заев има мал и слаб економски тим


       
Скопје, 30 мај, 2017 - 14:51 (META) 

Пратеникот Илија Димовски, кој беше прв говрник по експозето на мандатарот за составување на новата влада, Зоран Заев, истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде активна и конструктивна опозиција, која нема намера да ги повторува грешките на СДСМ, кога тој беше во опозиција.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе доаѓаат на работа и ќе бидат активни на пленарните и на седниците на комисиите. Нема да ја повториме грешката на СДСМ, чии пратеници со месеци го бојкотираа Собранието. Ќе бидеме активни во работата, на добрите предлози ќе даваме поддршка, на лошите ќе се соочуваме со аргументи, на коректноста ќе одговориме со коректност, а остро ќе реагираме на немањето транспратеност и на кршењето на принципите – рече Димовски од собраниската говорница.

Тој рече дека во изминатиот период се нарушиле многу правила и принципи, но додаде оти се надева дека мандатарот Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се свесни за сериозните чекори што ги презедоа досега и за одговорноста што ја преземаат отсега и дека пратениците ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат тука да ги контролираат да не направат некоја постапка на штета на државните и на националните интереси.

Димовски повторно истакна дека се крши деловникот на Собранието и дека на пратениците треба да им бидат оставени најмалку 10 дена за да можат да ги анализираат материјалите од програмата на владата и кандидатите за министри.

Токму критиката за предложените кандидати за министри беше една од главните што ги упати Димовски кон мандатарот Зоран Заев. Тој нагласи дека со исклучок на одредени лица, најголемиот дел од кандидатите за министри се „класични партиски послушници“.

Како позитивен пример, Димовски го посочи кандидатот за министер за здравство, Арбен Таравари, за кого рече дека и тие како пратеничка група би го поддржале неговиот избор, доколку се гласа за секој кандидат посебно.

– Владата има мал и, со исклучоци, слаб економски тим. Има огромен број на кандидати за министри без ресор. И претходно имаше голем број министри без ресор, но најголем дел од нив работеа во економскиот тим на владата. Тоа е голем пропуст – рече Димовски.

Тој истакан дека во експозето на мандатарот Заев не слушнале ништо детално за Законот за употребата на јазиците, ниту за тоа како идната влада планира да го реши проблемот со Грција за името.

– Во програмата има многу памфлетни ветувања. Но, има јасни одредници за зголемување на даноци. Ова ќе биде првпат по 10 години да се зголемуваат давачките. Нема збор за зголемени пензии, за платите на војската и на полицијата и во јавниот сектор. Збор нема за поддршка на странските инвестиици, освен дека ќе помогнете на домашните компании да соработуваат со странските инвеститори – рече Димовски.