Пратениците во Собранието, втор ден расправаат за ребалансот на буџетот за годинава, во отсуство на министерката за финансии Нина Ангеловска. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ѝ забележа на Ангеловска што не е присутна на седницата за да го брани ребалансот, што според него само го покажува односот што Владата го има кон пратениците.

– Нејзиното неприсуство покажува дека одлуките не ги носи министерката, туку некој друг во Владата – рече Димовски кој смета дека предложениот ребаланс е неразвоен, неодржлив, коцкарски и хазардерски.

Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска со ребалансот се намалуваат средствата што во буџетот беа наменети за инфраструктура, образование и животна средина.

Панчо Минов од ГРОМ рече дека, иако мерката за субвенционирањето на платите се смета за популизам, добро што се даваат средства за зголемување на стандардот на вработените.

Според претставниците на власта пак суштината на ребалансот е да се алоцираат средства таму каде што ќе се потрошат до крајот на годинава и додаде дека најмногу средства се алоцираат за гасификација на земјава.