Министерот за надворешни работи, Никола Димитров за „Порталб.мк“ изјави дека, процесот на полноправно зачленување на Македонија во НАТО би требало да заврши во април 2020 година, и дека како и нашата земја и НАТО не може да интервенира во процесот на ратификување на Протоколот за зачленување од страна на земјите членки.

„Ниту НАТО, ниту пак нашата држава немаат ингеренции и можности да се мешаат во оваа постапка”, рече Димитров.

Априлскиот рок, како што објасни тој, се заснова во Планот за спроведување на пристапниот процес, изготвен од службите на НАТО и испратен до нашата држава на 1 август 2018 година, и во истиот е опфатен индикаторот „временска рамка за реализирање на процесот за пристапување“. Според тоа, полноправната интеграција на РСМ во НАТО би требало да заврши во април 2020 година.

„Полноправното зачленување на државата во НАТО се предвидува да се реализира во првиот квартал на 2020 година, намерно е спомнат месецот април 2020 година“, рече Димитров, кој што истакна дека „временската рамка“ е определена врз основа на искуствата и примерите на НАТО од последните процеси на проширување и прием на новите држави во Алијансата.

Според Димитров, што се однесува до конкретниот термин – декември 2019 година, состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, каде едновремено ќе се одбележи 70- годишнината од постоењето на Алијансата, може да се искористи за промовирање на политиките на отворени врати на Сојузот, но и важноста на зачленување на нашата држава во НАТО.

„Ако некоја држава членка не успее со процесот на ратификација и процесот се реализира идната година, кон тоа мора да се гледа како техничко прашање за нашата земја, која треба да биде 30-та земја членка на НАТО”, рече Димитров.

Слично како Димитров, декемврискиот рок „како симболика“ го окарактеризира и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и процесот на полноправно членство го оцени како „техничко“ и „прашање на време“. Таа исто така не очекува пречки во усвојувањето на Протоколот од страна на земјите членки на НАТО.

Инаку, бројот на држави кои го ратификувале Протоколот за членство на РСМ во НАТО е 22. Остануваат уште седум држави.