Димитров: Принципиелната позиција на Германија и нашите реформи создаваат доверба за успех

Вицепремиерот Никола Димитров на средба во МНР на Германија со Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и Сузане Шуц, директорка Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА. 29 март 2021. Фото: Секретаријат за европски прашања

Принципелната позиција на Германија за остварување на ветувањето кон Северна Македонија и регионот да се приклучат кон Унијата, како резултат на нивната демократска трансформација, е еден од главните двигатели кои ни влеваат доверба во успехот на интегративниот процес. Поминавме долг и трнлив пат поплочен со бројни предизвици кои на моменти изгледаат и ненадминливи, но мора да се направи граница меѓу условите за почеток на преговорите и нерационалните барања, кои се косат со се’ што е европско.

Со ваква порака до своите соговорници се обратил вицепремиерот Никола Димитров, на денешните средби во Бундестагот и Министерството за надворешни работи на Германија, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП). Димитров разговарал со Нилс Шмид, портпарол за надворешни работи на парламентарната група на Социјал-демократската партија во Бундестагот, како и со Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР и Сузане Шуц, директорка во германското МНР за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА.

При разговорите, вицепремиерот Димитров им ги пренел очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел. Тој нагласил дека не треба да се дозволи билатералните спорови, во овој случај спорот на Северна Македонија и Бугарија, да станат кочница за евроинтеграциите.

„Мериторното интегрирање, постигнувањето на консензус за преговарачката рамка и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, беа разгледани на состанокот со германскиот пратеник, кој го споделува ставот дека билатералните спорови не смее да бидат кочница во пристапниот процес“, нагласил Димитров.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања своите соговорници ги информирале за клучните реформски активности кои се насочени кон задржување на позитивнато европско досие на Северна Македонија, со акцент на областите поврзани со владеење на правото, како што се реформата на правосудството, борбата против организираниот криминал и корупција, слободата на изразување и медиумите.

„Не постои сомнеж кај нашите германски пријатели дека Северна Македонија заслужи отворање на преговорите уште минатата година. И покрај несиполнувањето на нашите легитимни очекувања, стартот на преговорите не само што ќе биде поттик за македонската страна, туку истовремено ќе биде и нов импулс за политиката на проширување на ЕУ”, порача Димитров од Берлин.