Фото: Секретаријат за европски прашања

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров утрово учествуваше на конференцијата „Спогодбата за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ – дваесет години и натаму“, во организација на тинк-тенк организацијата „Институт за европска политика – Скопје“.

Димитров на конференцијата посочи дека нашиот напредок е препознаен и дека предизвиците мора да резултираат со успех, бидејќи немаме друга алтернатива освен европеизирање на македонското општество.

„Имам амбивалентен однос кон овој јубилеј, од една страна оваа правна рамка ССА ни помогна многу, од друга страна нè потсетува на изгубеното време, на изгубените генерации, на изгубените можности. Ние бевме први што ја зграпчивме оваа шанса меѓутоа уште немаме отпочнато со пристапните преговори. Хрватска, која што беше по нас, оваа година одбележува 8 години од пристапувањето кон ЕУ. И затоа разбирливо е да ги чувствуваме фрустрациите кога сме 16 години во чекалната на ЕУ. Но колку и да е големо искушението да паднеме во таа замка да се чувствуваме како жртва која е онеправдана, претпочитам да видиме што е тоа што можеме да го направиме за да си одиме по патот што нема алтернатива, по европскиот пат, за да нè биде. На некој начин драстичноста на македонската приказна мислам и за тоа зборувам последните денови во главните градови на земјите-членки, нашата приказна токму поради изгубеното време, меѓудругото, меѓутоа и поради направениот прогрес, поради лидерството во решавање на билатерални прашања нè прави тест за тоа колку ЕУ е сериозна и колку Балканот може да верува на зборовите кои доаѓаат од Брисел и од главните градови на земјите-членки,“ изјави Димитров.

Тој оцени дека минатата година почнала добро, имаме нова методологија којашто овозможи безусловно зелено светло.

„Меѓутоа не заврши добро и мислам дека со еден таков епилог прво изгубивме ние, потоа изгуби регионот бидејќи бледнее надежта дека европската перспектива е реална, изгуби и ЕУ бидејќи заедно со намалување на кредибилитетот се намалува и влијанието, а мислам дека изгуби и Бугарија бидејќи имавме една голема можност што треба да се обидеме заедно да ја вратиме, да градиме едно вистинско и блиско партнерство и пријателство,“ додаде Димитров.

Тој нагласи дека Северна Македонија е на ниво на усогласеност со земји во регионот кои веќе преговараат, а во некои поглавја и подобра од нив. Тој напомена дека сите заеднички тела кои се воспоставени во изминатите 20 години со цел да се овозможи успешно реализирање на Спогодбата од страна на сите домашни институции, функционираат редовно и успешно. Едновремено, потсети дека приоритет е да работиме на унапредување на административните капацитети, особено во контекст на ИПА кадарот, бидејќи успешно спроведени ИПА проекти значат подобрена инфраструктура за сите граѓани.

На конференцијата покрај Димитров учествуваа и директорката на Институтот за европски прашања, Симонида Кацарска, како и Мари Тереза Моран, заменик раководител на единицата за Северна Македонија во Европската комисија.​