Фото: Принтскрин Влада

Вицепремиерот Никола Димитров, на вчерашниот состанок во Скопје со германскиот министер за Европа, Михаел Рот, посочил дека предлогот на португалското претседателство на Советот на ЕУ за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија е добра основа за решение.

Како што соопштија од кабинетот на Димитров, тој е убеден оти со добра волја од двете страни може да се најде едно европско решение коешто ќе се темели на европските принципи.

„Имаме многу заеднички интереси, често зборуваме за заедничка историја меѓутоа треба да работиме и за заедничка европска иднина“, рекол Димитров додавајќи дека „ако мислиме на сѐ ова што нѐ поврзува, и на македонско-бугарското пријателство, мислам дека со добра волја и пристап од двете страни ова е возможно“.

„Имаме одговорност спрема сегашната генерација, имаме одговорност спрема идните генерации. Мора двата соседа да бидат победници затоа што статус квото, одолговлекувањето на проблемот, прави од нас губитници”, смета Димитров.

Министерот Рот истакнал дека од германска страна постои решителен став за неодложно отворање на пристапните преговори, кои што одамна се заслужени и требаше да отпочнат, а е важен сигнал и за европската идеја во регионот.

„Ние за време на германското претседателство со Советот на ЕУ се обидовме да постигнеме голем напредок бидејќи вие драги Македонци тоа го заслуживте“, вели Рот.

Германскиот министер за Европа додава оти Северна Македонија постигнала голем напредок со решавањето на историскиот спор со Грција и легитимно е да се очекува ЕУ да ги исполни ветувањата.

„И сакам да ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку дека и партнерите во ЕУ исто како и претходно се за конкретна перспектива за сите, се чувствуваат обврзани за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан. Сега работиме на тоа, сега за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ тоа да може да успее и јас сум оптимист. Цврсто сум убеден во тоа дека ако сега не испорачаме како ЕУ, дека тогаш оваа динамика, оваа доверба ќе биде изгубена”, вели Рот.