Фото: СЕП

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска беше домаќин на сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, во рамките на нејзината возвратна посета на Скопје.

Во пресрет на состанокот на Советот за општи работи (ГАК), соговорниците се согласија дека е потребно придвижување на евроинтегративниот процес на целиот Западен Балкан заради обезбедување предвидливост на европската перспектива.

Во тој контекст, Димитров истакна дека случајот на Северна Македонија е без преседан и е тест за кредибилитетот и влијанието на ЕУ, но и за нејзините постулати како заедница на вредности, поради што неодложно треба да се спроведе минатогодишната безусловна одлука за почеток на пристапни преговори.

„Со Каролине разговаравме за последните случувања, за тоа зошто е толку важно конечно да има пробив на нашиот европски пат, важно за нас, важно за регионот, но исто така важно и за Европската Унија, нејзиниот кредибилитет и влијание во овој регион опкружен со земји-членки. Разговаравме и за реформската агенда, за нашите напори во имплементација на „Агендата: Европа дома“, притоа само да ја информирам јавноста дека Австрија ќе има зголемена улога во еден исклучително важен сегмент од таа агенда, а тоа е владеењето на правото, бидејќи токму една австриска институција доби еден повеќегодишен грант да ни биде поддршка и помош токму во овој дел, владеењето на правото,” изјави Димитров.

Министерката Едштадлер го потврди ставот дека Северна Македонија ги исполни сите критериуми за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Западниот Балкан има посебно значење за Австрија, има историски корени, има многу важни економски можности за соработка што ние ги гледаме овде, има претпријатија коишто се во регионот стационирани. Западниот Балкан е исто така еден сигурносен јазол, без државите од Западен Балкан, Европа – Европската Унија нема да биде комплетна и тоа не треба да се искаже само со зборови туку и со дела” – рече Едштадлер.

Димитров се заблагодари за активниот посреднички пристап на Австрија во обезбедувањето вакцини за регионот преку механизмите на ЕУ, што резултираше со склучување на трипартитниот договор помеѓу Северна Македонија, Австрија и „Фајзер/Бионтек“ за набавка на повеќе од 119.000 дози вакцини, како цврст доказ за нејзината посветеност на нашиот регион.

Министерката на Австрија оствари средба и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од најголемата опозициска партија информираа дека Мицкоски на министерката „ѝ се заблагодари за принципиелната поддршка за евроинтеграцискиот пат на нашата земја“.

Мицкоски нагласил дека отворањето на пристапните преговори, без дополнителни услови надвор од основачките принципи на ЕУ, треба да се случи час поскоро, се вели во соопштението.

Тој додал дека се потребни суштински реформи во правосудниот систем и борбата против корупцијата, а на средбата се разговарало и за потребата од систематски реформи насочени кон правна сигурност, деполитизација на правосудството и јавниот сектор како и зголемена економска и трговска соработка помеѓу Македонија и Австрија.