Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на Аранча Гонзалес Лаја, министерка за надворешни работи, ЕУ и за соработка.
Димитров бил информиран дека ратификацијата на Пристапниот протокол е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и дека се очекува утре да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следената недела ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март.
Министрите Димитров и Гонзалес Лаја разговарале и за ЕУ-перспективите на нашиот регион, во светло на новата методологија на ЕК за пристапни преговори. Било изразено очекување дека во март ќе бидат валоризирани севкупните постигнувања и реформски активности со што конечно ќе биде донесена позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
„Посетата на Шпанија после подолго време на ниво на МНР се случува во вистинскиот момент, кога од обете страни се очекуваат добри вести. Водејќи се од мислата на Сервантес „Да се биде подготвен, значи половина победа”, убеден сум дека ние сме подготвени, а Шпанија ќе биде дел од заедничката победа и успешните вести од нашиот регион,” изјави Димитров.
Во рамки на посетата, Димитров остварил средба и со претседателката на Долниот дом на шпанскиот Парламент Маричел Батет, која му ја претставила очекуваната временска рамка за процесот на ратификација.
„Забрзаната постапка за заокружување на нашето членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент е потврда за силната волја на Шпанија да ѝ помогне на Северна Македонија за конечно остварување на стратешките цели. Добрите вести од Шпанија се реалност во март, веројатно најзначајниот месец во календарот на нашите успеси,” додаде Димитров.