На покана на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи Никола Димитров, утре во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, кој претставува последна подготовка за НАТО лидерскиот состанок што ќе се одржи во Лондон на 3 и 4 декември.

Македонија, која во моментов има статус на „поканета” земја за членство во НАТО, активно ќе учествува во разговорите на НАТО сојузниците за комплексните стратешки прашања.

„Предвидено е министерот Димитров во оваа прилика да ја реафирмира нашата посветеност и поддршка на клучните политики на НАТО, како идна земја-членка, по прашањата од исклучително значење за Алијансата: праведната распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, адаптирањето на НАТО политиките и стратегиите кон променливата безбедносна околина, контрибуцијата во меѓународните операции, справувањето со неконвенционалните безбедносни закани и други прашања од заеднички интерес“, информираат од МНР.

На маргините на Состанокот, Димитров ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО, како и со високи претставници на Алијансата.