Димитар Тануровски: Волонтерите не се безвредни, туку се бесценети

Фото: Димитар Тануровскии приватна архива

Без разлика дали станува збор за помош при кризни состојби, пожари, пандемија или едноставно споделување на момент на среќа, волонтерите на Црвениот Крст секогаш се присутни. Еден од нив е и 22-годишниот Димитар Тануровски, носител на титулата Волонтер на годината за 2021 година.

Фото: Димитар Тануровски приватна архива

Овој млад херој, заедно со своите колеги беше во првите борбени редови на фронтот во борбата против вирусот ковид-19, секојдневно помагајќи им на оние на кои им треба помош, волонтираше и во бегалските кампови, а и активно помагаше изминатото лето кога пожарите пеплосаа многу од нашите шуми.

Димитар, кој во иднина ќе стане доктор, за Мета.мк раскажа дека не само тој, туку сите волонтери се посветени личности. Волонтира уште од неговите први средношколски денови, но бил активен и пред тоа.

Фото: Димитар Тануровски приватна архива

„Почнав во прва година средно со тоа што помагав во магацините на Црвениот Крст да пакуваме хуманитарна помош за катастрофалните поплави во Србија. Пред тоа се вклучував во активностите на Црвениот Крст кои се случуваа во нашето училиште“, раскажа Димитар.

Тој сега е 4-та година на Медицинскиот факултет при УКИМ, а фокусот на неговото волонтирање е насочен кон здравствената превентива, подигнувањето свесност за заштита од катастрофи и едукацијата на тема прва помош. Исто така, во својство на координатор за надворешна соработка, одговорен е и за остварување соработки со други организации, координирање на интернационални настани, како и за обезбедување комуникација на информации помеѓу државните организации и Црвениот крст.

Смета дека убавото нешто за волонтирањето е тоа што најчесто волонтерите сами бираат колку време ќе посветат на хуманитарната работа и доколку наближуваат колоквиуми или испитна сесија, тогаш рационално  го користат своето време за да не заостануваат и со студиите.

Димитар смета дека волонтерството е бесценето и одлична можност да се научи чувството за одговорност и е основа за личен развој и надградба.

Фото: Димитар Тануровски приватна архива

„Затоа им препорачувам на младите барем еднаш да одвојат време да волонтираат, да видат кој е благодатот на волонтерството дека не е секогаш во земањето или како што многу луѓе викаат дека е само работа без пари. Има причина зошто волонтерите не сме платени а тоа не е дека сме безвредни туку сме бесценети“, порача Димитар.

За него, секоја волонтерска задача е еднакво важна, па затоа не му е лесно ниту да издвои момент како печат на неговата волонтерска кариера, но сепак му недостасуваат моментите пред пандемијата.

„Ова е најтешкото прашање што би можело да се постави, нешто слично како да прашате наставник кое дете му е најомилено, одговорот секогаш ќе биде дека сите се омилени на свој начин. Не можам да одвојам некој посебен момент но дефинитивно од убави моменти би ги издвоил безбројните медицински обезбедувања на концертите пред пандемијата, чувството после убаво одржана едукација кога знаеш дека луѓето излегле од просторијата со нешто ново научено“ се присети Димитар.

Тој исто така нема да ги заборави ниту пожарите, кога како дел од тимот за логистичка поддршка носел помош во зафатените краеви.

Фото: Димитар Тануровски приватна архива

За Димитар, како волонтер а и иден доктор, важно е да се нагласи дека на секој од нас може да му се случи во животот ситуација во која ќе му биде потребна помош, па затоа во своето делување се бори и против дискриминацијата и говорот на омраза кон ранливите групи.

„За мене и се разбира за сите од медицинскиот тим што волонтиравме во кампот за бегалци Винојуг важно ни беше да обезбедиме добра здравствена состојба на прифатените лица. Иако доаѓаа од различни земји, никогаш волонтерот на Црвениот Крст не ги гледа ниту по боја на кожа, ниту раса ниту нешто друго, едноставно ги гледа како човек на кој треба да му помогне. Така треба да постапуваат сите“, порача Димитар.