Димитар Фуна ја доби наградата за најдобар млад истражувач на Народната банка

фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Добитник на Годишната награда на Народната банка (НБРСМ), која се доделува на млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството е младиот истражувач Димитар Фуна, соопштија од НБРСМ.

Фуна дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во 2020 година, додека минатата година се стекнал со звањето магистер по финансии и сметководство при Империјал колеџот во Лондон, Велика Британија.

„Трудот е насловен „Проценка на дистрибуцијата на доход во Северна Македонија: Пристап базиран на претходно недостапни даночни податоци“. Како што самиот наслов кажува, целта е преку употреба на алтернативен нов сет податоци од даночната сфера, да се направи подобра проценка на дистрибуцијата на доход во земјава. Со тоа авторот го проширува портфолиото алтернативни пристапи за оцена на доходовната нееднаквост. Авторот посочува дека очекува со ваквата анализа да се зајакнат видувањата за нееднаквоста во распределбата на доходот кај нас, како насоки за носителите на политиките“, велат од НБРСМ.

Годишната награда за млади истражувачи Народната банка ја доделува шеснаесет години. Целта е преку наградата да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес во развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството. Наградениот труд ќе биде презентиран на Клубот на истражувачите на Народната банка, кој служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачките на ова поле на интерес.