Прирачниците за едукација на општинските изборни комисии и избирачките одбори беа усвоени на денешната 124. седница на Државната изборна комисија (ДИК), а како што соопштија, ова се досега најдобро подготвените прирачници кои ќе придонесат за законито спроведување на изборните дејства. Со ова, како што се наведува, Државната изборна комисија е целосно подготвена за спроведување на локалните избори кои се предвидуваат во октомври 2017 година.
На денешната седница ДИК го разгледала и усвоила проектот за проверка и проценка на пристапноста на избирачките места за лица со посебни потреби на територијата на Република Македонија, кој е и прв проект од ваков тип што ќе се реализира.
Биле усвоени и извештаите од спроведената функционална анализа во ДИК, извештајот за институционална проценка на подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, предлог-правилникот за внатрешна организација и делокруг на работата на стручната служба на ДИК, како и предлог-правилникот за систематизација на работните места во стручната служба на ДИК.
Во соопштението се наведува дека ДИК на седницата особено внимание посветила на ребалансот на буџетот предвиден за тековната година и за изборните дејства.