fbpx

ДИК отфрли уште еден приговор на СДСМ, а за последниот ќе одлучува утре

-

Државната изборна комисија (ДИК) вечерва едногласно го отфрли приговорот на СДСМ кој се однесуваше на постапката за утврдување на резултатите од гласањето на избирачкото место 2016, a последниот приговор на СДСМ, како што соопшти претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, ќе биде разгледуван утре, на седница закажана за 11 часот.

– Ви соопштувам дека ДИК вечерва ќе работи на изготвување на веќе донесените одлуки за да може истите веднаш да бидат доставени, а за последниот приговор ќе одлучуваме на седница која ќе продолжи утре во 11 часот – рече Чичаковски.

Во врска со приговорот на СДСМ за гласачкото место 2016, ДИК на денешната седница донесе одлука да се изврши увид на целокупниот изборен материјал од избирачкото место, по што членовите на Комисијата ја отворија вреќата со гласачките ливчиња и ги преброија гласовите. Броењето покажа дека бројот на гласови целосно се совпаѓа со оној наведен во записникот од избирачкото место.

Претставничката на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК, Силвана Бонева, рече дека таа уште на почетокот била против пребројувањето, но дека ѝ е мило што целата македонска јавност можела да види дека избиричкиот одбор од гласачкото место добро си ја завршил работата и дека целиот процес бил „чист како солза“.

Виолета Дума, претставничката во ДИК од опозицискиот СДСМ, рече дека проверката на гласачките ливичиња морала да биде направена бидејќи во записникот од гласачкото место биле потпишани само претседателот и еден член, односно две, наместо три лица, како што налага законот и токму затоа бил овој приговор од СДСМ.

Коалицијата предводена од СДСМ до ДИК поднесе вкупно осум приговори за текот на изборниот процес. Од нив, пет беа одбиени од ДИК, а два беа повлечени од официјалниот претставник на СДСМ и на коалицијата на почетокот на денешната седница. Утре членовите на ДИК треба да се произнесат за приговорот на СДСМ за избирачкото место 2011 во Теарце, во шестата изборна единица. На ова гласачко место, според приговорот,  на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија. Членовите на ДИК побараа да се види записникот број 15 за да се утврди дали ова ливче недостигало пред гласањето или откако тоа почнало.

Инаку, Државната изборна комисија денеска го прифати приговорот на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог.

И вечерва додека траеше седницата на ДИК пред зградата каде се наоѓаат службените простории на комисијата беа собрани поголем број членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, за како што велат „да ја одбранат изборната победа“. Пред зградата одекнуваа пукотници од огномети и од пиротехнички средства, а насобраните граѓани палеа огнови и скандираа додека траеше седницата на комисијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...