Државната изборна комисија на денешната седница донесе едногласна одлука да се повтори гласањето на избирачкото место 2011 во општина Теарце.

Според симулацијата направена од ИТ-секторот на ДИК, прегласувањето може да влијае на резултатот од изборите, односно на бројот на освоени мандати на политичките партии во шестата изборна единица.

Прегласувањето во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ ќе се врши в недела, на 25 декември.

Советот на Управниот суд вчера ја прифати како основана тужбата поднесена од СДСМ и од коалицијата за ова избирачко место откако ДИК го отфрли нивниот приговор.

Приговорот и тужбата на СДСМ за ова гласачко место беа бидејќи, како што велат од партијата, на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија сосе кочанот и серискиот број. Освен тоа, во доверливиот гласачки материјал недостига и образецот број 15.

Воедно, во образложението на пресудата се наведува дека Државната изборна комисија решението со кое го одбила приговорот го донела во постапка спротивна на законот, бидејќи за оспорувањето на приговорот гласале осум членови на ДИК, четири „за“, четири „против“, а еден член, односно Субхи Јакупи, самиот се иззел од гласањето, што е, како што утврдил советот на Управниот суд, спротивно на Изборниот законик и на правилникот за начинот и за постапката за решавање по приговори.

Во Изборната единица 6, според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови (40.599) освои ДУИ, потоа следува ВМРО-ДПМНЕ со 26.135 гласови, па СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците со 17.970, ДПА со 16.225, ВМРО за Македонија со 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок со 239 гласови.