Цената на рекламен простор не треба да се ограничува, но финансирањето политичко рекламирање со јавни пари е целосно неприфатливо, вели Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми.

Минатите два дена национални телевизии реагираа на Одлуката на Државната изборна комисија за  цените на рекламите за платено политичко информирање за предвремените парламентарни избори.

– Сметам дека финансирањето на купувањето рекламно време и простор од страна на организаторите на изборни кампањи (политичко рекламирање) со јавни пари е целосно неприфатливо и не може да се оправда на ниту еден начин – смета Георгиевски, кој додава дека Центарот за развој на медиуми, одамна се залага за укинување на политичкото рекламирање во радиодифузијата, и ваквите појави само го зацврстуваат тој став.

Телевизиите сметаат дека ДИК погрешно го толкува Изборниот законик кога ги одредува цените, односно дека ДИК воопшто не треба да одредува цени.

И Георгиевски го дели ставот дека Државната изборна комисија не треба да одредува ценовник на рекламен простор.

– Не се согласувам дека цената на рекламниот простор треба да се ограничува, особено од тело кое не е упатено во начинот на кој функционира рекламната индустрија, кое не прави разлика помеѓу „ударно време“ (prime time) и останато време (off prime time), каде цените се разликуваат често и за неколку фактори на големина. Морам да кажам, ако веќе постои критериум за ограничување на цената на рекламниот простор, претходниот критериум кој се засноваше на цените по кои медиумите го продаваат просторот во последните три месеци, е далеку посоодветен – вели тој.

Ниските просечни цени, според Георгиевски, се последица и на однесувањето на дел од медиумите, кои „свесно сами го рушеа пазарот и им нудеа огромни дисконти на политичките партии во претходни изборни циклуси (во ситуација кога јавните, буџетски пари, по разни основи, претставуваа значаен процент од вредноста на вкупниот медиумски пазар“.

– Од друга страна, во општата беспарица во медиумскиот сектор, многу од медиумите на овие одредби гледаат првенствено како на некаква форма на индиректни субвенции, оттаму поплаките дека на претходните избори најголемиот дел од парите отишле кај мал број медиуми со високи рејтинзи (гледаност, читаност, слушаност) наместо да бидат рамномерно, ако не линеарно, распоредени на сите медиуми. Тоа е уште еден аргумент плус зошто целата пракса треба да се напушти, покрај аргументот дека трошењата за реклама не влегуваат во описот на критериуми за мерење на тоа колку фер се изборите, вели Георгиевски.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.