fbpx

ДИК најави прочистување на избирачкиот список, ама не даде рок

-

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашната седница усвоиле одлука при вкрстеното споредување на податоци за прочистување на избирачкиот список да се користат базите на 13 институции. Меѓу нив се Фондот за здравствено осигурување, ПИОМ, Управата за јавни приходи (УЈП), Народна банка, Агенцијата за катастар, Министерството за труд и социјална политика и други.

Сепак, според членови на оваа институција, има уште многу работа за да може да се каже дека ќе има фер избори со прочистен избирачки список.

Како што информираат тие, ДИК сè уште нема правилник за ажурирање, што практично не дозволува ниту овој процес да почне, а уште помалку да се утврдат роковите за вкрстувањето на базите на податоци на гласачите, како и да се спроведе теренската проверка. За ажурирање на податоците потребен е софтвер, што во моментов ДИК, исто така, го нема.

Допрва треба да се набави софтвер кој ќе треба „да се нахрани“ со податоци за да може да ги споредува со тие од институциите што располагаат со такви податоци, за што ќе потроши, можеби, и повеќе од еден месец, па дури по ова да се впушти во операцијата прочистување на избирачкиот список.

Со новите изборни правила, ДИК станува единствена надлежна институција за водење на избирачкиот список, кој отсега треба да се ажурира еднаш месечно. Со измените во Изборниот законик е предвидено методологијата за водење и за ажурирање на избирачкиот список да се заснова на проверки и на статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки.

Правилникот што се однесува на оваа проблематика, според Изборниот законик, ДИК го усвојува по претходна согласност на четирите најголеми партии во парламентот. Согласност од четирите партии е предвидена и за правилникот за вршење промени и за бришење податоци во избирачкиот список.

Минатата недела претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, преку соопштение наведе повеќе причини кои оневозможуваат кредибилни избори на 24 април 2016 година.

„Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори“, стои во соопштението.

Според претседателот на ДИК, ова тело е формирано со 20 дена задоцнување и сè уште не се одобрени двете методологии за проверка и за прочистување на избирачкиот список, подготвени од Државната изборна комисија. Ова е задача на партиите, а тие не ја завршиле. Овие две методологии требало да бидат одобрени на 10 декември 2015 година.

Ако изборите се распишат за 24 април 2016 година, тоа значи дека Собранието може да се распушти на 24 февруари, а ДИК треба да го стави избирачкиот список на јавен увид на 5 март 2016 година, односно десет дена по распишувањето на изборите. Тоа значи дека теренската и оперативна проверка на списокот треба да завршат на 5 март 2016 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...