Државната изборна комисија (ДИК) на вечерашната седница донесе одлука да постапи по двете решенија на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП), односно да го повлече од својата интернет-страница списокот со спорни 89.000 гласачи за теренска проверка, како и избирачкиот списокот со вкупниот број на гласачи.

Истовремено, како што пренесува „Телма“, членовите на ДИК одлучиле до Управниот суд да поднесат жалби против решенијата на Дирекцијата за заштита на лични податоци, бидејќи сметаат дека не се во согласност со Изборниот закон.

Дирекцијата за заштита на личните податоци, денеска соопшти дека по службена должност извршилa вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија (ДИК) по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб-страница и издала две привремени решенија.

Според првото, на ДИК и се забранува да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб-страната, на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Во другото привремено решение ѝ се забранува на Државната изборна комисија да објавува на својата веб-страна лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место) содржани во Списокот за теренски проверки, бидејќи според ДЗЛП, ДИК нема правен основ да врши обработка преку објавување на лични податоци на физички лица, кои ќе бидат утврдени како неконзистентни записи и ќе бидат предмет на теренски проверки.