Дезинформациите и шпекулациите кои се шират низ медиумите во однос на доверливиот изборен материјал за наводно 80.000 испечатени пробни гласачки ливчиња, Државната изборна комисија ги демантира во целост, се вели во соопштението на ДИК.

Реакцијата следува откако „Мета“ денеска објави дека печатницата „Киро Дандаро“, која официјално ги печати гласачките ливчиња за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, во саботата попладне отпечатила 80.000 ливчиња повеќе заради тестирање на опремата за печатење.

– Државната изборна комисија има целосна контрола врз целиот изборен процес, а особено врз печатењето на доверливиот изборен материјал. Државната изборна комисија ги известува сите граѓани дека изводите од избирачкиот список се испечатени, проверени, потврдени и потпишани од сите членови на Државната изборна комисија. Исто така, испечатени се и гласачките ливчиња и се пакуваат за достава до надлежните општински изборни комисии во наредните денови – се додава во соопштението.

Виолета Дума, членот на ДИК од редовите на СДСМ, пак, за „Мета“ претходно изјави дека ДИК врши редовни контроли во печатницата „Киро Дандаро“, но сепак потсети дека „бомбите“ покажале дека „и кога мислевме дека сè е како што треба, всушност не било“.

– Целиот процес е под видеонадзор. Тој процес си тече нормално, во предвидените рокови, со најголеми безбедносни мерки. Нема пробно или непробно печатење. Ливчињата се печатат под одреден број. Првпат слушам за печатење на такви ливчиња. Таква ситуација би била страшна ако е вистинита, не дај боже да е така. Но, „бомбите“ ни покажаа дека и кога мислевме дека сè е како што треба, всушност не било – изјави Дума.