Државната изборна комисија (ДИК) со осум гласа „за“ и ниту еден „против“ го изгласа извештајот за досегашната обработка на спорните гласачи опфатени со вкрстена и со теренска проверка.

Како што соопштија од ДИК, од 87.128 лица кои теренски беа проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома.

ДИК побарала од избирачкиот список да се избришат околу 4.000 лица, за кои според евиденцијата на МВР и матичната евиденција е потврдено дека се починати.

Од МВР сè уште не се докрај обработени податоците на повеќе од 100.000 лица кои се појавија како спорни по вкрстената проверка.

Членовите на ДИК од СДСМ сметаат дека избирачкиот список не е прочистен, додека за членовите од ВМРО-ДПМНЕ останува само уште малку работа.

Засега не се знае кои ќе бидат понатамошните чекори на Државната изборна комисија затоа што јавната седница заврши без заедничка изјава или прес-конференција на претседателот Александар Чичаковски.