Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција денеска порача дека согласно Изборниот законик, МВР наредниот ден од  денот кога се  распишани изборите е должно до Државната изборна комисија да ги достави податоците на граѓаните кои потоа ќе бидат запишани во Избирачкиот список. Тоа може да бидат само лица со наполнети 18 години живот, кои на денот на изборите имаат важечка лична карта или пасош. Без важечки документ, граѓанинот не може да биде внесен во Избирачкиот список.

Затоа граѓаните треба да ги подигнат новоизготвените лични документи најдоцна до петок.

– Бидејќи за важечки документ се смета само издаден документ, ДИК ги повикува сите граѓани кои сакаат да го остварат своето избирачко право на престојните претседателски избори, да ги подигнат изготвените лични документи (лични карти и патни исправи) од Управните служби на МВР. Апелираме граѓаните тоа да го сторат до петок, 8 февруари. Доколку не ги подигнат своите документи, овие граѓани нема да бидат запишани во Избирачкиот список кој ќе биде ставен на јавен увид  – предупреди ДИК.

Одделението за управни работи-Скопје и отсеците за управни работи во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово и Штип работат секој работен ден од 7 до 21 часот и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот, а подрачните единици под нивна надлежност од 7.30 до 16.30 часот.