Државната изборна комисија информира дека на избирачкото место број 2011 во Теарце, од запишани 714 избирачи, до 17 часот на гласање излегле 377 лица, или 52,8 отсто од вкупно запишаните избирачи. За време на гласањето на 11 декември излезноста до 17 часот беше 350 лица.

Првичните резултати од прегласувањето ДИК ќе ги соопшти вечерва околу 21.30 часот.

Гласањето во Теарце беше прекинато неколку минути пред 9 часот, бидејќи не работела УВ-ламбата со која се проверува дали гласачот претходно гласал на друго место.

Избирачкиот одбор констатираше дека треба да се прекине гласањето на еден час, но по 15 минути гласањето продолжи нормално, откако УВ-ламбата проработела.

Од ДИК велат дека гласањето ќе заврши во 19 часот затоа што прекинот на гласањето бил помалку од еден час.

МВР попладневно соопшти дека вчера бил пријавен поткуп од страна на две лица, С.Ш. и Ф.И., кои им нуделе од 100 до 500 евра на гласачите за да не го остварат своето избирачко право.

На избирачкиот список во ова гласачко место има запишано 714 лица, а на изборите на 11 декември гласаа 404 лица.