Венко Филипче | Фото: Арбнора Мехмети

Од март оваа година, кога се распламти корона-кризата во земјава, дијабетичарите со дијабетна ретинопатија не добиле терапија со aflibercept, која е воведена уште минатата година, алармираше Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија преку писмо до министерот за здравство Венко Филипче и Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија (ФЗОМ), споделено и со јавноста.

Изразувајќи разбирање за ситуацијата во која што земјава се наоѓа од распламтувањето на корона кризата, во писмото упатено до Филипче и директорите на ФЗОМ, Димче Велев, Претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија, испрати апел да се разреши ситуацијата и да им се каже на пациентите што ќе се превземе.

„Ако не постои повеќе можност да ја примиме оваа терапија која го зачувува видот, а за што е неопходно континуирано лекување кои ќе спречат уште поголеми оштетувања на веќе ослабениот вид кој може да прогресира и до СЛЕПИЛО, би сакале да Ве запрашаме кој е планот за ова? Дали сепак еден дел од Клиниката ќе остане доследна да ни ја аплицира терапијата во очи, како што се аплицира терапија и на други клиники за други болести или пак решение барате во пренасочување на ова лекување во други институции“, прашуваат тие во апелот.

„Ниту една друга терапија не ни била оневозможена во сиот овој период, како оваа, а видот е засегнат кај речиси секој трето лице со дијабетес. Секој следен ден без терапија го зголемува повеќекратно ризикот за влошување на видот, па стравот и разочарувањето од можно слепило расте. Не сме сите во можност да ги покриеме трошоците за лекување во приватните институции, доколку истите не ни ги рефундирате“, пишува Сојузот, апелирајќи дека е вклучен црвениот аларм, после речиси 9-месечен прекин на третманот.

Тие не гледаат ниту можно решение по вклучувањето на Очната клиника во Скопје во борбата против ковид-19 пандемијата и претворањето на Клиниката во ковид центар деновиве.