fbpx

Дигиталните платформи овозможуваат решавање на проблемите на граѓаните и зголемување на нивното учество во одлучувањето

-

Преку дигиталните платформи и алатки, граѓаните можат многу полесно да се информираат, да учествуваат и да се вклучат во решавање на одредени проблеми и со тоа да ја зголемат довербата на граѓаните во институциите.

Ова меѓу другото беше кажано на сесијата „Е-Учество и Е-ангажирање: Регионална перспектива – локални акции“, во рамките на 17-та меѓународна конференција „е-Општество.мк“ организирана од „Метаморфозис“, на која говореа претставници на граѓанското општество од РСМ, регионот и Европа, за тоа како развиле дигитални платформи и алатки кои граѓаните можат да ги користат за информирање или директна комуникација со сите нивоа на власт за да ги решат своите проблеми.

„Дигиталните иновации можат радикално да го трансформираат обезбедувањето јавни услуги, но и демократското одлучување и учеството на граѓаните во општествените промени. Како сведоци на глобалната пандемија Ковид-19, можеме да видиме како јавните администрации во регионот и во ЕУ сè повеќе експериментираат со создавање на интернет платформи или дигитални алатки за да им овозможат на граѓаните пристап до релевантни информации од јавен карактер кои што им се потребни, но и да учествуваат во државните процеси полесно и преку интернет“, рече Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата Метаморфозис, која исто така ја модерираше сесијата.

Докажано е дека граѓаните добиваат доверба кога одговорните од нивната општина ќе им дадат одговори, кои не би ги имале доколку не го пријават проблемот, рече во својот говор, проект-менаџерката во Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 од Северна Македонија, Марија Василевска која зборуваше за платформата „Мзаедница.мк“ која ја користи општините Карпош, Валандово и Кочани. Граѓаните на овие општини преку оваа платформа имаат можност директно да комуницираат за своите проблеми со соодветните општински службеници.

Марија Василевска, фото: Ванчо Џамбаски, CC-BY

„Платформата може да се користи на веб и на мобилен телефон со Android и iOS. Платформата е директно поврзана со општинските сектори, така што сите вработени во општината имаат директен контакт. Секој граѓанин може да отвори свој профил, може да пријави проблем со избирање на соодветниот сектор за дадениот проблем. Од друга страна, секторот добива известување за тоа, и потоа одговара. Процесот на давање одговор не е еднократен, па има случаи кога понекогаш комуницираат и неколку пати и нудат решенија како на пример со слики како било порано и како е сега“, нагласи Василевска.

Дебора Перчи, теренски координатор во „Демократија плус“, Косово зборуваше за платформата „Ndreqe.com“ која што им овозможува на граѓаните на Косово да ги пријават своите поплаки за проблеми од областа на јавните услуги, отпадот, осветлувањето, недостатокот на сообраќајни знаци итн. Граѓаните досега поднеле 3.733 претставки, додека досега се решени 1.600.

„Ова функционира, но реално има случаи кога проблемите не се решаваат. Еден од аспектите што дефинитивно моравме да го имаме на ум е дека граѓаните ја ценат можноста проблемот да го пријават анонимно бидејќи ние сме мало општество и скоро сите се знаеме меѓу себе. Еден од главните проблеми е што граѓаните немаат доверба во овие платформи, бидејќи сметаат дека не се толку ефикасни, но се обидовме да докажеме дека им даваме легитимитет на нивните пријави. Секоја пријава што оди на платформата се поднесува и добива одговор по одредено време“, нагласи Перчи.

Менаџерката за грантови во „Денес е нов ден“ од Словенија, Маја Цимерман, зборуваше за неколку платформи и дигитални кампањи насочени кон зголемување на граѓанското учество. „Парламетер“, е дигитална платформа, која им овозможува на граѓаните да бидат што појасно информирани за работата на Парламентот на Словенија, бидејќи државната веб-страница, како што нагласи таа, не дава доволно информации и не поттикнува учество.

„Тоа создава фрустрација, наместо да го зголеми политичкото учество. Затоа, ние ги собираме сите податоци од интернет и ги презентираме на најдобар начин. Им овозможуваме на корисниците да ги споредуваат податоците, резултатите од гласањето, говорите и учеството на пратениците. Ова е интересно не само за граѓаните, туку и за истражувачите и новинарите. Корисникот може да напише име и ќе добие картичка од Парламетер за тој пратеник“, рече Цимерман.

Конференција е-Општество.мк 2021. Фото: Мета.мк, 30 ноември 2021

Марк Криџ, извршен директор на „MySociety“ од Обединетото Кралство зборуваше за неколку платформи што ги создадоа и кои се користат во над 40 земји (најчесто од Европа) од над 11 милиони корисници. Нивните дигитални решенија се фокусирани на поттикнување и зајакнување на демократијата преку дигитални вештини.

„Нашата улога е да ја промовираме и зајакнеме демократијата преку употреба на дигитални вештини, да го прошириме нашето влијание и да им помогнеме на граѓаните да имаат податоци и да ги искористат. Сакаме да ги поттикнеме луѓето да се вклучат и да им покажеме како да ја користат својата моќ во општеството. Доколку има отворени институции учеството на граѓаните ќе биде поголемо. Ако некоја институција или влада е поотворена, почесто ќе ги слуша препораките на граѓаните“, рече Криџ.

Инаку, овогодинешното издание на конференцијата „е-Општество.мк„ ќе трае 4 дена и се состои од 7 сесии, 2 инспиративни говори, 2 обуки и 1 работилница, а главно ќе се дискутира за состојбата на демократијата денес, како и за тоа како технологијата ја обликува дефиниција за добро владеење и граѓански ангажман во денешни услови. Исто така ќе се разговара и за предизвиците на дигиталната ера со посебен фокус на дезинформациите и сајбер безбедноста. Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко ќе ги споделат своите ставови и мислења на тема „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“.

Настанот ќе биде во хибриден формат при што првиот и последниот ден од конференцијата (30-ти ноември и 3-ти декември) ќе се одржат во хотел – Панорамика, и дел од учесниците ќе имаат прилика да ги следат сесиите со физичко присуство, а останатите учесници можат да ги следат онлајн преку платформата Зум и директниот пренос на Фејсбук страницата на Фондација Метаморфозис.

Агендата за конференцијата е-Општество.мк може да ја погледнете тука: Агенда-е-Општество.мк-2021

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...