Дигиталниот саем за средно стручно образование можност за избор на исправна животна одлука

За прв пат во земјава денеска и утре се одржува дигитален саем за средно стручно образование, на којшто се очекува да учествуваат околу 19.000 деветто одделенци. Настанот има за цел да навремено да ги информира учениците за она што го нудат средните училишта во земјава, можностите за стипендирање, наставните програми, практичната настава, но и придобивките и предностите од средното стручно образование.

„Изборот на образование е важна животна одлука, што може да биде исправна само доколку ученикот ја донесе согласно личните убедувања и афинитети, но и врз основа на добра информираност за перспективата која ја овозможува. На прво место е можноста за работа и солидна заработка. А тоа е најизвесно со стручно образование, кое во последно време го добива вистинскиот сјај, се модернизира и станува тренд меѓу младите“, нагласи министерката за образование и наука Мила Царовска во своето обраќање.

Од МОН информираат дека со Дигиталниот Саем освен што се дава поддршка на учениците и нивните родители за изборот на професијата која е важна животна одлука, се поддржуваат и училиштата, но и домашните и странски компании кои на различни начини се директно вклучени во образовниот процес.

Царовска посочи и дека учениците на саемот ќе можат да се запознаат и со можностите за стипендии што Министерството за образование и наука ги овозможува како континуирана стимулација за време на едукацијата.

Дигиталниот саем за средно стручно образование го организира проектот Образование за вработување во Северна Македонија и Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, со поддршка од Министерството за образование и наука и Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.