Дваесеттата по ред меѓународна конференција „е-Општество.мк“, чија тема годинава е „Дигитална трансформација за подобар живот“, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, ќе се одржи на 5 и на 6 ноември. Овојпат, во фокусот ќе бидат теми поврзани со создавање дигитално општество кое ги задоволува потребите на сите и општество кое ги почитува човековите права и ги засилува демократските процеси низ градењето подобар живот.
Годинава Метаморфозис одбележува и 20 години од постоењето што ќе биде особено истакнато на конференцијата која е заштитен знак на оваа организација. Исто така, за прв пат годинава Метаморфозис ќе ја додели наградата „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите.
На конференцијата во дискусиите ќе се обратат 20-ина говорници, меѓу кои и две лица со попреченост кои ќе презентираат како вештачката интелегенција им помага во животот. Ќе се организира и квиз, ќе има можност за вмрежување, како и неколку изложби кои ќе можат да се погледнат во текот на траењето на конференцијата. Едната е изложба на уметнички инсталации: Пост-вистина, потоа промоција на кратки видеа од Hive Mind, како и изложба на избор публикации од Метаморфозис.
На конференцијата ќе се говори за општествената одговорност во дигиталната трансформација од институционален, граѓански и бизнис аспект, а ќе се зборува и за придобивките од новите технологии и вештачката интелигенција, медиумската писменост и новите текови и промени во медиумите, но и за како и безбедносните предизвици кои ги покренува растот на дезинформациите и нивното ширење.
„Веќе дваесет години Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис работи на дигитална трансформација и подготовка на општеството за дигиталната ера. Оваа година истражуваме теми кои се постојано во наш фокус, со разгледување на процесот на дигитална трансформација во минатото, сегашноста и иднината“, наведено е во соопштението на Фондацијата.
Како што е предвидено, првиот ден, на 5 ноември, по воведните излагања на извршниот директор Бардил Јашари, Узлем Џанел, амбасадорката на Кралството Холандија и на Клара Хименес Круз, ко-основачка и извршна директорка на Maldita.es, во првата сесија ќе се зборува на тема „Има ли аир од дигиталното општество?“. На темата ќе дискутираат Станислав Василковски, раководител на Одделение за апликативно одржување на ИКТ системи во Министерство за дигитална трансформација, потоа, д-р Марјан Гушев, професор на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Весна Иваноска, директорката на Киншифт Академија и потпретседателка на Управниот одбор на МАСИТ, како и Ана Тоскиќ Цветиновиќ, директорка на Партнери за демократски промени Србија (Србија).
Предвидено е лица со попреченост да демонстрираат користење ВИ, а презентери ќе бидат Васил Танески, пензиониран програмер, како и Кристијан Лазарев, основач и претседател на Асоцијацијата за пристапност и инклузија (АПИ).
На тема „Мемификација на општествениот дискурс – правилата на слободата во медиумите“, ќе зборуваат проф. д-р Сеад Џигал, специјалист за комуникации и нови медиуми од Меѓународен балкански универзитет, Гоше Николов, новинар во Мета.мк како и психотеравпевтката, д-р Тиана Ивановска.
Во една од сесиите на 5 ноември ќе се дискутира и на тема „Препознавање на дезинформации како супер моќ (квиз) Бумери против зумери“, кој ќе вклучува натпревар меѓу два тима составени од претставници на граѓански организации, во подготвеност за препознавање на дезинформации.
Вториот ден, на 6 ноември, ќе се зборува за борбата против дезинформациите и за најдобрите практики во таа борба, но ќе се дискутира и за дигиталните технологии и социјалните платформи во борбата против дезинформациите. Во една од сесиите превидено е и да има дискусија за дезинформациите во поширок контекст.