Дигитална промоција на социјалната е-драма „Мајка Медеја“

Фото: ИТИ/Продукција

Под името „Копуларна инверзија“, Македонскиот центар ИТИ најави дигитална промоција на социјалната е-драма „Мајка Медеја“ од италијанскиот драмски автор, режисер и социолог Фабио Толеди. Дејството во драмата е инспирирано од искуствата на авторот што создава театар во конфликтни зони.

Промоцијата ќе се одржи во четврток, на 30 јуни.

„Драмата е поетска, интензивна, елоквентна, хорот или гласот на совеста, како „Рашомон’’ ги одразува сите лица на фатализмот, сите лица на дилемите, сите лица на согледувањето. Мајката Медеја и без да изврши филицид, ги убива своите деца со  староста и смртта“, се вели во описот за новоиздадената драма. Драмата е во превод на Кристина Пешева – Диновска.

Театарските илустрации и дигиталната изложба инспирирани од „Матер Медеа“ се на Снежана Давиткова

Со проектот „Директивна инверзија“, ИТИ/Продукција ја промовира поетската е-книга „Смртта на мадам Дупин“ на поетесата и перформерка од Црна Гора, Катарина Сариќ (Црна Гора).

Станува збор за современа, ангажирана и искрена поезија што ги евоцира сите пионерки на феминизмот и женските права од историјата на хуманистичката продуктивност и залагања. Во истата се манифестирани сите искуства на жените – изиграни, изневерени и повлечени за нос од непослушни, неверни и заводливи мажи.

Поетската книга е во превод на Драгана Евтимова.

Театарските илустрации и дигиталната изложба инспирирани од „Смртта на мадам Дупин“ се на Ивана Кунгуловска

Уредник и дигитален куратор е Иванка Апостолова Баскар, видео промоцијата е на Михаило Апостолов.