Дигитализацијата и новите технологии во фокусот на третиот ден од „Македонија 2025“


       
Скопје, 9 ноември, 2018 - 13:33 (META) 

Денеска на последниот ден и затворање на самитот „Македонија 2025“, врвни експерти зборуваа на теми поврзани со дигитална трансформација, примена на новите технологии во медицината, претприемништво, одговорно лидерство и други.

Кристијан Руп, портпарол на платформата „дигитална Австрија“ и координатор на иницијативата „СМЕ диџитал“ (SME DIGITAL) во Стопанската федерална комора на Австрија, истакна дека дигитализацијата мора да биде засебен стратегиски план во зависност од државата, гранката на индустријата, вештините на вработените и определбите на клиентите.

„Дигитализацијата го менува целосниот синџир на вредности, но мораме да сфатиме дека дигиталната трансформација е можност, а не опасност“, додаде тој.

Синоќа  се одржа и добротворна гала вечера, со која се одбележаа 10 години од формирањето на организацијата „Македонија 2025“. Наградата за филантропија „Џон Битов Постариот“ му беше доделена на Мајк Зафировски за неговиот исклучителен придонес во филантропијата и волонтеризмот, додека плакети за благодарност им беа врачени на луѓето и компаниите кои ѝ возвратиле на Македонија и ја поддржиле организацијата во изминтативе 10 години.

Собраните средства беа пренаменети кон новоформираниот Фонд за талентирани студенти. Беше потпишан и Договор за соработка помеѓу „Македонија 2025“ и фондацијата „Ане и Владе Дивац“ од Србија, со што двете организации ќе соработуваат на многу проекти од заеднички интерес.