fbpx

Дигитализација на книжниот фонд во НУБ со нова опрема

-

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е ставена во функција современа висококвалитетна опрема за дигитализација на книжниот фонд, која Владата на Рeпублика Македонија ја набави во рамки на проектот дигитална библиотека.

Со новиот сервер ќе продолжи дигитализирањето на печатените книги кои се чуваат во НУБ и кои во дигитална форма се ставаат на страницата на дигиталната библиотека (www.dlib.mk), а се планира да бидат достапни и во звучна форма за слепи и за слабовидни лица. За новата опрема се обезбедени и обуки за вработените.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, при вчерашната посета на НУБ, ја разгледа новата опрема и изјави дека со овој проект се гарантира сигурност на вредното книжевно богатство и негова заштита од забот на времето.

– Процесот се одвива со одлична динамика и досега се дигитализирани околу еден милион страници од многу значајни книги: 195 стари и ретки книги од археографската збирка, 78 наслови од весници и од списанија кои се дел збирката ретка периодика, 13 ретки карти и 130 старословенски ракописи. Со поддршка на институтот „Јунус Емре“ од Анкара, во 2013 година беше дигитализирана и целата ориентална збирка на арапски, персиски и на турски јазик. Опремата што тогаш се користеше е оставена за функционирање во НУБ – истакна Канческа-Милевска.

Таа додаде дека дигитализацијата ќе продолжи и дека во 2015 година во план е дигитализирање на 46.000 македонски изданија од 1945 година до денес, девет наслови од збирката „ориенталистика, разгледници и плакати со уметничка вредност“, како и дел од фондот на збирката за ликовни уметности.

Покрај дигитализирањето на книжниот фонд, со поддршка на Министерството за култура, оваа година во НУБ ќе има и други инвестиции, за кои министерката разговарала со директорот на НУБ, Иван Заров.

Планиран е зафат на покривната конструкција и уредување на санитарните јазли во стариот дел на библиотеката. Ќе се реализираат и проекти од дејноста на НУБ – откупи на книги, реализација на преводот на 135 тома македонска книжевност на шест јазици низ антологиски приказ, меѓународна промоција на ретки и на стари книги во светските центри, а на барање на НУБ, во тек е и конкурс за вработување стручен кадар.

Директорот на НУБ, Заров, има две иницијативи кои вчера ѝ ги соопштил на Канческа-Милевска. Првата е дигитално реституирање на сите словенски ракописи кои се во странски библиотеки за тие да бидат достапни во дигитална форма за македонските интелектуалци.

– Тие, секако, нема да може да бидат вратени, но ова е еден начин тоа наше непроценливо богатство кое го имаме да го зачуваме за идните поколенија. Ќе може да кажеме дека тоа словенско богатство потекнува од Македонија и засекогаш ќе припаѓа на овој наш културен простор – рече Заров.

Од словенските ракописи кои се чуваат во НУБ, досега се дигитализирани околу 50 проценти, односно 130 од околу 270 ракописи. Тие се поставени на веб-страницата на дигиталната библиотека.

Втората идеја на Заров е во НУБ да се формира археографско научно одделение, кое ќе прерасне во институт со различен кадар (филолози, византолози, палеографи, текстолози…) кои ќе може ја развиваат својата научна дејност преку книжниот фонд и ракописите што ги поседува библиотеката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...