Дигитализацијата е неопходна и се унапредува, но треба да се работи и на зголемување на свеста за неа

Фото: Принтскрин од конференцијата организирана на Зум платформата

Дигитализацијата е важна не само сега, во услови на криза туку и во иднина, а унапредувањето на медиумската писменост и дигиталната трансформација ќе биде исклучително важна. Ова е генералниот заклучок од денешната конференција на тема „Дигитализација на услугите во областа на образованието“ во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП).

На настанот, министерката за образование и наука, Мила Царовска се осврна на образовниот процес, за кој рече дека може брзо да се трансформира а тоа го покажува цела измината учебна година спроведена преку дигитални алатки. Како што најави, од мај годинава започнува да функционира и електронската алатка за упис во основото образование.

„Сметам дека сите земји кои не се дигитализирани едноставно заостануваат. Светот се менува екстремно брзо, а ние како држава во развој треба да фатиме два пати побрз чекор и дигитализацијата да ни биде отскочна даска. Од мај годинава започнуваме и со електронскиот упис во основно образование и се надевам дека родителите ќе ја искористат со што ќе имаме помалку гужва во училиштата“ изјави Царовска.

Како клучни моменти во образованието, таа ги истакна нострификацијата за високо образование за еден ден, можноста општините електронски да аплицираат за инфраструктурни објекти во МОН, како и обезбедувањето на стипендии без да има потреба учениците и студентите физички да доаѓаат во МОН.

Сепак како што додаде таа, сепак граѓаните сè уште не веруваат во дигиталните услуги.

„Иако имавме дигитална услуга за стипендиите, сепак голем дел од студентите дојдоа во министерството за да се осигураат дека ќе добијат архивско бројче. Така што, навистина треба да работиме на јакнење на јавната свест за дигиталните услуги се достапни и вистински и можат да им ги остварат правата“ додаде министерства.

Имајќи ја предвид автономијата на факултетите, Царовска рече се надева дека ова ќе допре и до нив, за тие активно да ги применат истите активности со цел и таму да се измени ситуацијата во однос на неопходна дигитализација.

На ова се надоврза и министерот за информатичко општество и администраија, Јетон Шаќири кој рече дека влегувањето во новата ера на дигитализацијата веќе не е опција, туку обврска.

„Наша должност е да обезбедиме дигитални услуги. Во моментов нашиот портал за е-услуги се надоградува и до крајот на јуни ќе имаме 30 нови услуги достапни за граѓаните кои ги развиваме со министерствата за внатрешни работи и правда, УЈП итн. Набрзо ќе бидат достапни и услуги со замена и издавање на лични карти, пасоши и возачки дозволи“ рече Шаќири.

Заменик амбасадорот на Велика Британија, Доминик Отвај зборуваше зошто е важна дигитализацијата, односно како да се намалат бирократските процедури, а граѓаните да добијат квалитетни дигитални услуги.

„Еве, токму денешната онлајн конференција е доволен доказ зошто ни е важна дигитализацијата. Сите сме сведоци дека изминатава година сите нешта преминаа онлајн и како тоа е необично на почетокот, а подоцна ги согледувате предностите од истата“ рече Отвај.

Дена Сачмаровска, студентка на Економски факултет при УКИМ ги истакна проблемите со кои се соочуваат студентите кои не се во дигитална форма, но и кои работи би требало да се изменат со цел да се избегнат бирократски процедури кои се напорни, стресни и одземаат време.

„Неопходно е буквално сè да биде електронски, почнувајќи од пријавите за испити, уписот за година, оценувањето, библиотеките на факултетите. Воедно, треба да се направат и електронски табли со распореди, електронски мапи за кабинети и простории, информативни соопштенија и слично. Исто така, многу олеснително би било и електронско плаќање со картичка на шалтерите на факултети со цел да се избегнат гужвите и чекањето во процесот книжара-банка-студентски прашања“ појасни Сачмаровска.

Малеска се надоврза и рече дека ако се направи споредба со постарите генерации се чини дека работите не се изменети многу. Таа напомена сите овие предлози ќе бидат пренесени до факултетите, Министерството за образование и наука, со цел да се препознаат потребите на младите.

Професорот Боро Јакимовски од ФИНКИ рече дека овој факултет предничи во дигитализацијата на сервисите во високото образование.

„Се трудиме да ги наметнеме тие наши добри пракси и на останатите членките на УКИМ. Добрата вест е што од неодамна од страна на сите факултети на УКИМ е усвоена нова стратегија за дигитализација на УКИМ од сите аспекти од аспекти на настава и наука со цел да се зголеми видливоста и да се подобрат условите за работа“ рече Јакимовски.

Според професорот, трансформацијата кон дигитално општество е неминовна, а за добра имплементација потребни се стратешки пристап, координирани активности и соработка помеѓу институциите и желба. Јакимовски смета дека државата има добра основа и добри темели за нови и корисни електронски сервиси.

Вишиот советник за политики и тим лидер за испорака на услуги при СИГМА, Каидо Пабуск пак, рече дека сите услуги би требало да бидат поедноставени и да се земе предвид кои од нив треба да се користат преку електронски алатки, а кои пак, преку друг вид на канали.