Дигитализацијата се докажа како клучен фактор во трансформацијата на општествата и исклучително важен елемент за економски, демократски, социјален и културен развој. Со помош на дигитализацијата јавните и приватните услуги може да се обезбедат побрзо и поефикасно. Дигиталните платформи ја зголемуваат транспарентноста и ја намалуваат корупцијата, овозможувајќи одржливо управување со животната средина и природните ресурси. Северна Македонија продолжи да се соочува со предизвиците на дигитализацијата и во 2024 година. Порталб.мк ви носи ретроспектива на она што се случуваше на ова поле во текот на изминатата година.
Извештајот на ЕК: Дигитализацијата со многу недостатоци
За да го прикажеме нивото на дигитализација во Северна Македонија во текот на минатата годината, ќе започнеме со Извештајот на ЕК за напредокот на земјата. Сеопфатното оценување на ЕК во извештајот за напредокот за состојбата со дигитализацијата во Северна Македонија е дека, иако има одреден напредок, напорите за дигитализација се сè уште во рана фаза и имаат многу недостатоци. Дигиталните услуги се во развој, но многу процедури се уште се офлајн и електронскиот портал има потреба од подобрување. Земјата треба да го усогласи законодавството со европските норми и да ги зајакне дигиталните способности, особено за малите бизниси и руралните области. И покрај напредокот во интернет инфраструктурата и 5G, администрацијата и секторот за сајбер безбедност имаат потреба од дигитализација и зајакнување. Здравствениот и енергетскиот сектор исто така имаат потреба за поголеми напори за дигитализација, а со тоа и транспарентност и модернизација.
Потребна е национална стратегија за општински услуги и дигитализација
На почеток на 2024 година, Фондацијата за iнтернет и општество „Метаморфозис“ објави една анализа која се фокусира на електронските услуги што ги обезбедуваат општините во Република Северна Македонија. Анализата ја истакна потребата од креирање на една национална стратегија за општински услуги и дигитализација, така што без разлика дали единицата е од град или од село, сите тие да имаат ист дигитален напредок. Она што е потребно да се направи во однос на подобрувањето на состојбата со електронските услуги е редовна двогодишна проценка на развојот на е-услугите на локално ниво со помош на методологијата LOSI на ОН.
Министерство за дигитална трансформација
По парламентарните избори и со смената на власта Министерството за информатичко општество и јавна администрација беше преименувано во Министерство за дигитална трансформација. Ова е сигнал дека во новата влада дигитализацијата ќе добие поинаков и посериозен третман од тој во минатото. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, уште од неговите први настапи во своите говори ја истакна важноста на дигиталната трансформација како клучен приоритет за Европската Унија. Министерот Андоновски соопшти дека платформата „uslugi.gov.mk“е целосно трансформирана за да одговори на потребите на граѓаните. Според него, новите функции се водат од принципите на пристапност, ефикасност и транспарентност.
Обвинителството со нов електронски систем за менаџирање со предметите
Јавното обвинителство на Република Македонија во рамките на проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ започна со имплементација на нов електронски систем за менаџирање со предмети. Фокусот на поддршката е ставен на подготовката на техничката спецификација за имплементација на новиот електронски систем за менаџирање со предметите во Јавното обвинителство.
Дигитализацијата останува предизвик за образованието
Иако 2024 година започна со цел да се продолжи со уште побрзо темпо со дигитализацијата на процесот на учење, на тој пат се појавија бројни препреки. Голем број на училишта во Северна Македонија сè уште немаат клупи или табли, а има училишта кои сè уште користат дрва за греење, па затоа дигитализацијата не е приоритет.
Од Унијата на албанските наставници велат дека не се против дигитализацијата, но прво бараат да се обезбедат основни услови за следење на образовниот процес.
Многу рурални области во липковскиот и кумановскиот регион во североисточниот дел на Северна Македонија сè уште немаат пристап до интернет, што е главен услов за
дигитализација на образовниот процес.
Во слична ситуација се и неколку основни училишта во општина Студеничани, која се
наоѓа на околу 20 километри од Скопје. Процесот на дигитализација во основното образование започна со второ и четврто одделение, а потоа со трето и петто, за потоа да продолжи со другите одделенија, но поради немањето услови, главно со интернетот и потребната опрема, во многу училишта учениците се принудени да се им се вратат на книгите.
Властите со многу ветувања
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски при една меѓуинституционална средба ветија дигитализација на службите на МВР, поконкретно на процесот на издавање лични документи, кој се уште има многу потешкотии. На средбата се разговараше и за можноста за дигитализирање на личните документи, поточно за креирање на електронски лични документи, изработка на електронска апликација од областа на дозволите за оружје, како и за други можности за дигитализирање на работата и процесите во полицијата.
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека се работи на проширување на програмата „Мој термин“ или постои можност за нова дигитализација. Тој напомена и дека веќе се разговарало за користење на телемедицина – консултации на далечина. Инаку, во Северна Македонија има голема потреба за дигитална едукација, но државата и недостасува стратешки пристап кон ова прашање, особено за граѓаните кои не се дел од формалното образование. За годишниот план на Владата за 2025 година Фондацијата „Метаморфозис“ ја предложи иницијативата: Креирање на Национална стратегија за дигитално образование. Нудењето на повеќе можности за градење на дигитална писменост и отпорност на граѓаните во земјата против сајбер заканите доаѓа од граѓанското општество, меѓу кои и Фондацијата „Метаморфозис“ со своите активности.