Дигитализацијата е возможна мисија само ако се гради на здрава ИТ основа

Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash

Нови дигитални материјали за учење како дел од новата Концепција за основно образование, електронски алатки, интерактивни табли, електронско пријавување за упис во средно училиште, електронско аплицирање за стипендија, за студентско легло во студентски дом, водење евиденција во електронски дневник… Ова се само некои од можностите и услугите кои се дел од образовниот систем во С. Македонија.

Надлежните често кажуваат дека дигитализацијата на образованието е услов за дигитална трансформација на целото општество, но прашањето што се поставува е дали најпрво е потребно да се обезбеди квалитетна ИТ основа за да може да не се случува во пракса да „паѓа“ електронскиот дневник, или пак, студентот да има потешкотии при аплицирањето за студентско легло?

Иако образовниот систем на С. Македонија многу доцни со воведување на електронски услуги, не треба да се избрза процесот само поради таа причина, без притоа да има добра основа, односно сервери кои нема да паѓаат или да бидат подложни на хакерски напади. Квалитетната ИТ основа е приоритет, е ставот на организацијата Младински образовен форум.

„Избрзувањето од овој тип само го влошува проблемот и прави дополнителна работа за професорите и наставниците, кои мора да работат и со електронската и со печатената верзија на дневници, индекси и слично“, сметаат во младинската организација.

Студентите сакаат дигитална форма на пријавување испит 

МОФ има работено на проект со назив „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“ преку кој се разви дигитална алатка (преку организиран студентски хакатон) за да се намали бројот на непријавени оценки и изгубени пријави за испит во хартиена форма, конкретно за услугите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нотирано е дека високообразовните институции даваат посебен осврт и во план им е воведување на дигитализација на наставата, нови иновативни методи на држење настава, инвестиција во ИКТ средства и слично.

„Очигледна е дискрепанца помеѓу тоа што го планираат образовните установи и тоа што го очекуваат студентите да биде дигитализирано. Имено, студентите повеќе се надеваат на дигитализација на административните процедури на факултетите, кои ги има во изобилство, за да се намали чекање редови во студентски служби, трошење пари за пријави на испит, заверки на семестар, уплаќање на школарина, проблеми со изгубени пријави, индекси, уплатници. Има дискрепанца помеѓу тоа што институциите го имаат во план и услугите кои студентите се надеваат дека ќе им бидат достапни. Тие попрво би прифатиле дигитална форма на пријавување на испит, отколку смарт табла или нови иновативни методи на следење настава од дома“, велат во МОФ.

Исто така, било нотирано дека дигитализацијата е многу скап процес и УКИМ како најголем универзитет во државата, што вклучува голем број на факултети со различни нивоа на дигитализација, и при тоа има функционира на база на архивирање на сите документи во печатена форма, не може да ги истера процесот на дигитализација толку брзо колку што се бара, или со иста брзина како што го направиле другите приватни и државни, далеку помали универзитети.

Она што образовните власти го најавија минатата година, е дека согласно Концепцијата за основно образование, предвидено е да има учебници во дигитална форма, кои нема да бидат само обични учебници прикачени онлајн во pdf формат, туку треба да понудат одредена интеракција, односно можност учениците да решаваат квизови, задачи и слично. Има ли нашата држава има пари и капацитет за вакво нешто да овозможи? За МОФ, малку е тоа веројатно.

„Дигитализацијата е скап процес, кој треба константно да биде ажуриран и „пазен“ од хакерски напади, затоа е и се одолговлекува. Потребни се ИТ лица кои ќе бидат заангажирани за да ги следат и ажурираат тие интерактивни програми за учениците. Деканот на ФИНКИ нагласи дека е многу тешко да се задржи/привлече ИТ кадар да работи во УКИМ, затоа што факултетите не можат да понудат паричен надоместок што лицето го добива во другите приватни бизниси. Малку веројатно е дека има пари и капацитет за да се воведат такви програми“, сметаат во организацијата.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, смета дека со новата Концепција за основното образование, дигитализацијата во образованието се издигнала на повисоко рамниште, како доближување до глобалните трендови на квалитетно образование.

„Од почетокот на изминатата учебна година, во примена се новите дигитални материјали за учење, согласно новите наставни програми за четврто одделение. Следната учебна година интерактивни материјали ќе користат учениците од петто одделение, а етапното воведување е во согласност со развиеноста на вештините за примена на ИТ технологија и на електронски алатки. И во училниците воведуваме современа ИТ технологија, интерактивни табли и други помагала кои овозможуваат поквалитетна настава“, изјави министерот.

 

Оваа истражувачка сторија е подготвена како дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Влада (Естонија), Движењето Доста! (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и Open Data Косово (Косово). 

Оваа истражувачка сторија е подготвена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на Фондацијата Метаморфозис и авторот и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија. 

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here