Полагањето на државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура, годинава ќе се одвива според новата концепција со изменети испитни програми за учениците од стручно и уметничко образование, а за гимназиското остануваат истите испитни програми. Тестовите по предметите немало да се исти за сите ученици како досега, туку оваа година за прв пат ќе се полага согласно наставните програми за гимназиско, стручно и уметничко образование.
На 6 јуни (сабота), со почеток од 9 часот, учениците кои пријавиле полагање државна матура ќе решаваат тест по англиски, германски, француски, италијански и руски јазик, како и по математика (зависно кој што одбрал). Истиот ден, учениците кои пријавиле државна стручна матура, ќе полагаат англиски јазик и математика, а матурантите кои пријавиле уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.
Испитите по мајчин јазик ќе се реализираат на 11 и 12 јуни. Учениците кои пријавиле државната матура ќе полагаат на 11 јуни, а матурантите кои пријавиле државна стручна или државната уметничка матура, мајчин јазик ќе полагаат на 12 јуни, со почеток од 9 часот.
Мета поразговара со Даниела Јовчевска Мијаловска, директорката на Државниот испитен центар, која вели дека новата концепција на државна матура, ги опфатила сите недостатоци кои биле забележани во изминатите години.

„Поради помалиот фонд на часови по мајчин јазик во стручните и уметничките училишта, беа изработени нови испитни програми во соработка со Бирото за развој на образованието. Тестовите се усогласени со наставните програми, со цел учениците да можат соодветно да одговорат на прашањата. Подготовките за организација на испитите течат“, вели Јовчевска Михајловска.
На платформата matura.gov.mk е достапен базен на прашања и тестови што биле користени од 2008 година досега, каде матурантите можат да вежбаат и да се подготвуваат за испитите.
Полагањето втора година по ред ќе се организира во амфитеатри, предавалници, читалници и фискултурни сали. За училиштата кои немаат соодветен простор ДИЦ е предвидено да обезбеди дополнителни локации. Во Скопје, дел од матурантите ќе полагаат на повеќе локации, ќе се полага на УКИМ, оние од Штип ќе полагаат на УГД на УКЛО, Еконосмки факултет во Прилеп, ДУТ, Штулов. Дел од училиштата ќе ја реализираат матурата во училишните спортски сали и холови.
Според Јовчевска Михајловска, ланското искуство со полагање во големи простории покажало дека препишувањето и користењето смартфони е значително намалено. Како што е предвидено, телефоните и годинава секој матурант ќе треба да го остави во кутија пред да влезе на полагање. Намалени биле и преписите на тестот по англиски јазик. Пред три години, оценувачите во текот на процесот на оценување по предметот англиски јазик од државната матура, утврдиле дека дури 3.100 ученици препишувале на испитот.
Државната матура останува услов за упис на факултет. Со положена државна стручна матура, учениците ќе може да се запишат на сродни стручни факултети, а со државна уметничка матура учениците ќе можат да продолжат исто така во сродни стручни студии.
„Матурантите нема потреба да се плашат од испитите на крајот од средното образование. Да не се обидуваат да препишуваат и да користат мобилни телефони, туку да работат самостојно, бидејќи само така ќе дојдат до вистински успех. Тестаторите и набљудувачите одговорно да ја извршуваат својата работа за време на полагањето“, порачува Јовчевска Михајловска.
Испити на крајот на средното образование, односно екстерни испити годинава ќе полагаат 14.587 ученици. Државна матура се пријавиле да полагаат 12.184 матуранти, стручна ќе полагаат 2.276 ученици, а уметничка матура ќе полагаат 127 ученици.
