ДИЦ: Комисиите што ги прават тестовите за матура ги имаат предвид случувањата со дојавите

Фото: Мета.мк

Членовите на испитните комисии, кои ги прават прашањата односно испитниот материјал за екстерните предмети во рамки на државната матура, ги имаат предвид случувањата во училиштата во изминатиот период. Ова е одговорот што го добивме од Државниот испитен центар на прашањето, дали ќе се крати од материјалот за учење поради изгубената настава што ја предизвикаа лажните дојави за бомби, кои училиштата почнаа да ги добиваат од 26 октомври лани.

Според одговорот на надлежните, најверојатно ќе се крати од материјалот за учење, но што поточно – ќе се одлучува во наредниот период заедно со претставници на средношколските организации.

Што треба да се учи, кои теми нема да бидат потребни за претстојните полагања, се прашања на кои матурантите во земјава очекуваат одговор што поскоро, оти се скусува времето до полагањето на првиот предмет мајчин јазик, на 27 мај.

„Ги имаме предвид случувањата во изминатиот период во училиштата. Бирото за развој на образованието е надлежна институција за изработка на испитните програми, а Државниот испитен центар е надлежен за подготовка на испитниот материјал, како и организација, спроведување, оценување, обработка на податоци, објавување на резултати и постапување по приговори“, информираат во ДИЦ за Мета.мк.

За секој испит постои официјална испитна програма, потпишана од министерот за образование и наука. За оваа учебна година има нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование. Сите останати испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од предходните години.

Во врска со датумот за полагање прв предмет мајчин јазик на 27 мај, од ДИЦ информираат дека нема промени.

„Датумите за реализација на испитите од државната матура се пропишани во Календарот за организација на учебната 2022/2023 година во јавните средни училишта, кој е во надлежност на Министерството за образование и наука“, велат во ДИЦ.

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) најави дека ќе организира предупредувачки протест утре, во 12:30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН), на кој ќе побараат од надлежните поскоро да решат и да кажат што треба матурантите да учат за претстојниот матурски испит. Претстојниот викенд треба да има и Генерално собрание на Средношколскиот сојуз, на кое ќе има одлуки што ќе бараат во однос на матурскиот испит.

Државната матура е услов за упис на факултет. Испитите ќе се полагаат на 27 мај и на 10 јуни. Минатата година материјалот за учење беше скратен поради штрајкот на просветните работници, кој траеше неколку недели.