Ди Џовани: Без амбициозни зафати во образованието, уште повеќе ќе се продлабочи образовната криза

Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава / Фото: Unicef.org

Понудената концепција за основно образование од Министерството за образование и наука ги содржи сите клучни сегменти кои треба да се постигнат со реформата. Без амбициозни зафати во образованието, пандемијата на ковид-19 уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерации ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија во земјата, смета претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, која искажа поддршка за реформите во образованието.

„УНИЦЕФ ги повикува сите чинители да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените. Сега е време да се зајакне соработката и националната солидарност, а образованието да биде фокус на обновување и трансформација во насока на поквалитетна настава и учење за сите деца и млади за време на пандемијата на ковид-19 и потоа, во фазите на закрепнување. Време е да се инвестира во подобар образовен систем со цел образованието да стане средство за негување социјална правда, мир, почитување на различноста, човековите права и демократските вредности“, вели Ди Џовани.

Таа додава дека образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел, што всушност е во главниот фокус на новата концепција за основно образование.

Меѓу другото, Ди Џовани нагласува дека е неопходно да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети.

„Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници”, додава претставничката на УНИЦЕФ, која вели дека треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел тие да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата.