Илустрација: euvsdisinfo.eu

Анализа на блогот на DFRLab  се осврнува на тоа како про-Кремљ медиумите ги истакнуваат несаканите ефекти на западните вакцини против ковид-19 и како таквите содржини се промовираат на антиваксерските групи, пренесува „Критинк“.

DFRLab пишува за тенденциозното известување на овие медиуми за ретките негативни ефекти на западните вакцини, или за проблеми со дистрибуцијата на вакцините. Селективниот пристап на про-Кремљ медиумите во известувањето за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“, наспроти информирањето за вакцината Спутник V, станува очигледно ако се прегледа известувањето за вакцините со алатката „Google Search“. Како што може да се види во анализата на DFRLab, про-Кремљ медиумите, како што е на пример РИА (ria.ru), се фокусираат исклучиво на позитивните аспекти на Спутник V. Од друга страна, овие медиуми ги истакнуваат несаканите негативни ефекти, па дури и смртните случаи, поврзани со вакцините произведени од западните компании.

DFRLab, исто така, идентификуваше различни блогови, тинк-тенк организации и медиумски публикации кои го засилија негативното покривање на западните вакцини. Овие организации добиваат поддршка претежно од антиваксерски групи од Украина, Бугарија и Србија, како и од Руси кои живеат во странство. Меѓу најгласните организации е Фондот за стратешка култура, руска тинк-тенк организација која беше фатена како шири дезинформации на Фејсбук.

Инаку, оваа анализа на DFRLab беше пренесена и на сајтот на европскиот сервис за проверка на факти, „Еувсдисинфо“.  Целиот напис на „ДфрЛаб“ може да се прочита тука.