fbpx

Дезинформациите за „штетноста“ на заштитната маска продираат и во Грција

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализира една дезинформација која многу бргу се рашири во последниве 2-3 седмици на Балканот, а вклучително и во Грција – дека заштитните маски што се носат како една од мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, се штетни за човечкото здравје, оти не овозможуваат доволно внесување кислород во организмот. Но станува збор за манипулација, неточно и ненаучно мерење, а дополнително, мерењето не ги дава вистинските резултати за внесот на кислород во организмот, па ова видео е манипулативно и изнесува невистина, пишува грчкиот сервис во направената анализа.

Во Грција ваквите дезинформации се присутни на социјалните мрежи и на блогови, преку видео во кое се изнесува тврдењето наведено погоре, и во кое се прикажува „тест“ што наводно го докажува тоа. Всушност станува збор за користење детектор за гасови што се става меѓу устата и маската и го мери количеството кислород. Во видеото се зборува на англиски, со натсинхронизација на руски. Но ваквото тестирање и тврдењата што се изнесуваат на основа на тестирањето се погрешни.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr објаснува дека во видеото кога апаратот за детектирање гасови ќе покаже ниво под безбедното, презентерот заклучува дека маската го намалува количеството кислород што тестираниот може да го внесе и дека тоа ќе доведе до респираторни проблеми при долги часови на употреба. Но кај ваквото резонирање има многу проблеми: Прво, мора да се напомене дека во атмосферата, односно во воздухот содржината на кислород е околу 21 отсто, а Организацијата за безбедност и здравје при работа (ОСХА) ја дефинира како „средина сиромашна со кислород“ онаа средина во која концентрацијата на кислород е под 19,5 отсто (тука и тука).

Главниот проблем со овој „тест“ од видеото е што детекторот го бележи процентот на кислород што човекот со маската го издишува, кој изнесува околу 16 отсто, но мери и други гасови, како јаглерод диоксид и азот. Оттаму, мерењето е всушност на проверка на издишаните гасови во просторот меѓу устата и маската, коишто пак го истиснуваат кислородот што во нормални околности го има во тој простор. Затоа, ако се користи неправилно, како што е во видеото, детекторот ќе измери кислород околу 16 отсто, односно ниска концентрација, нагласува ellinikahoaxes.gr.

Но самата маска има доволно големи дупки за да овозможи внес на кислород при вдишување, односнои составот на гасовите меѓу маската и устата е друг и корисникот може да дише нормално, без проблеми. Причината што сензорот не ги бележи повисоките концентрации е што не може доволно бргу да ги измери промените во составот на воздухот. Имено, детекторот прави мерење на 5-10 секунди, а дишењето е со побрз ритам, и затоа гледаме просек од 17-18 отсто.

За точно да се утврди дали носењето маска предизвикува пад на внесувањето на кислород, мора да се измери кислородната сатурација, односно заситеност, во крвта. Поточно, се мери соодносот на делот на хемоглобинот заситен со кислород во однос на вкупниот хемоглобин во крвта. На човечкиот организам му е неопходен точно дефиниран сооднос, односно сатурацијата (заситеноста) мора да биде меѓу 95 и 100 отсто, а нарушувањето на внесот на кислород, како што се тврди за дишењето преку маска, би се покажало при мерењето на заситеноста. За да се одговори на шпекулациите како онаа од анализираното видео, многу доктори ја мереле својата сатурација по долги часови носење. Сите мерења покажале меѓу 98 и 100 отсто заситеност со кислород (тука, потоа тука и тука).

 

 

Мерењата на видеото не го прикажуваат кислородот што се внесува, туку оној што е издишан. Покрај тоа, тестирањето не е спроведено во контролирани услови, со многу примероци и анализа на резултатите. Дополнително и мерењата на лекарите зборуваат дека носењето маска долги часови не ја намалува сатурацијата, нагласува грчкиот сервис за проверка на фактите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...