На вториот ден од Меѓународната конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ се одржа панел-сесија „Медиумите и доброто владеење“ (Борба против дезинформации).

Според Сеад Џигал од Меѓународниот балкански универзитет невозможно е да се отстранат изворите на дезинформациите, што не значи дека не можат да се победат, но е комплексен проблем во чие што решавање треба да бидат вклучени повеќе општествени фактори.

„Дезинформациите функционираат како вирус. Се случува и лесно ширење на пораките кои ја зголемуваат омразата. Оживеан е феноменот на политики на омраза, при што преку смислени стратегии и планови на политичко организирање, се шири омразата преку социјалните мрежи, бидејќи нема филтри на заштита. Порано преку традиционалните медиуми дезинформациите ги спречуваа главниот уредник, професионалните новинари, но денес на социјалните мрежи нема филтри, односно корисниците сами се оставени да развиваат филтри кои не се отпорни на ширење на дезинформации“, рече Џигал.

Тој додаде дека според едно истражување, веб-страниците кои шират лажни вести генерираат 200 милиони долари, при што станува збор за економски исплатлива и опасна појава.

Џигал порача борбата со дезинформации да биде деполитизирана односно во прв план да биде јавниот интерес и довербата на граѓаните. Според него, борбата со дезинформации треба да се прави со опслужување на општеството со информации, а се друго е зона на политичка борба.

Според Марјан Забрчанец, посебниот советник за односи со јавност на премиерот Зоран Заев, темата со борбата против лажните вести никогаш не била крената на повисоко ниво, а јавноста сензибилизирана и да пружа отпор кон нив.

Филтрите за лажни вести според Забрчанец треба да бидат сомнежот, критиката како и активната транспарентност.

Тој додаде дека Владата ќе го почитува Регистерот на професионални онлјан медиуми кои го прави еснафот односно ССНМ и ЗНМ и интенцијата е Владата да акридитира новинари кои се дел од тие онлајн медиуми кои ќе бидат на листата на тој Регистар.

Според Владимир Петрески уредник на „Вистиномер“ и „КриТинк“, иако во јавноста постојат одредена мислења дека не требаат сервиси за проверка на факти, сепак тоа е неопходно. Тој додаде дека со сервисите за проверка на факти, вистината добива глас и без нив, бројот на лаги би бил поголем.

Како еден од предизвиците кои ги истакна е тоа што проверката на вистинитоста на изјавите не може да се прави во реално време, односно додека тече изјавата, а проблем е различната публика до која стигнуваат лажните вести и проверката на фактите.

„Лажната вест ја чита една публика, проверката на фактите ја чита друга публика. Мора големи познавања, употреба на технологија, за проверката на фактите да стигне до публиката која ја прочитала лажната вест“, рече Петрески.

Соговорниците на оваа панел-сесија се сложија дека медиумската писменост, конечно после 10 години, треба да биде воведена во образованието.