Корисниците на Фејсбук од Република Северна Македонија се целна група на огласи со кои се наведуваат да посетуваат страници на интернет преку кои може да бидат ограбени. Овој вид огласи навидум нудат информации за некакви проблеми и немири во Шведска, а при кликањето на линкот се врши пренасочување до сајтови за крипто-валути на кои е инсталиран злонамерен софтвер пишува сајтот на проектот „Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк.мк“.

Огласите до македонските корисници се пренесуваат преку „геотаргетирање“ – избор на географски локации за публики на кои им се прикажуваат т.н. спонзорирани постови од страници кои по своето име и содржини немаат никаква врска ниту со земјата ниту со темата на огласите.

Огласите кои во моментов ги пушта наводната страница за Ниам Лисон за публика од Северна Македонија.
Огласите кои во моментов ги пушта наводната страница за Ниам Лисон за публика од Северна Македонија. Кликнете за поголема верзија 

На пример една таква Фејсбук-страница е наречена „Liam Neeson Legend“ односно „Лиам Нисон – легенда“. Навидум изгледа дека се користи ликот и имиџот на познатиот актер од Северна Ирска да се привлечат негови фанови кон сомнителните линкови кои немаат никаква врска со него. Но, според опциите што ги нуди Фејсбук за огласи, луѓето на кои им се прикажуваат не ни мора да бидат фанови на страницата, ако се одбере опцијата за геотаргетирање по земји.

Едновремено, тие постови не се достапни преку самите страници. За кој пост постои и опција да не се прикажува во делот за постови (Delete from page), а притоа да остане достапен на Фејсбук. На овој начин администраторите може да ги прикријат трагите. Интересно е и што страницата со ликот на Нисон има само 10 фанови, а дел од неколкуте коментари имаат српска националистичка иконографија.

Од неодамна Фејсбук има воведено и опции за увид во „транспарентност на страницата“ (Page Transparency) до кој се пристапува преку линк од десната страна под делот „заедница“ (Community) и „за страницата“ (About). Во овој дел се наведени податоци од типот кога е основана страницата, дали го има менувано името претходно, колку администратори има и дали во моментот пушта огласи.

Кај наводната страница за Лијам Нисон може да се види дека истовремено пуштаат десетина огласи наменети за населението на Република Северна Македонија, сите со варијанти на тема „немири во Шведска“. На сличен начин се користат и Фејсбук-страници навидум наменети за обожаватели на други автори, како Американецот Eнтони Мајкл Хол.

При кликање на тие линкови кај корисниците кои имаат инсталирано софтвер за заштита, како на пример антивирус или анти-шпионски софтвер се јавува предупредување. Подобрите варијанти на ваква заштита целосно забрануваат посета на овие веб-сајтови.

Така на пример, антивирусот БитДефендер укажува дека се работи за злонамерен софтвер поставен на интернет-сервер (cloud malware) и не дозволува пристап до него. Таков софтвер може да се користи за да се украдат лични податоци, броеви на кредитни картички и други информации од корисникот на негова штета.

Снимка на екранот од пораката од БитДефендер во врска со сомнителните страници промовирани со платени огласи.

ШТО МОЖЕ ДА СТОРАТ ОБИЧНИТЕ КОРИСНИЦИ НА ФЕЈСБУК?

Се препорачува корисниците кои ќе забележат вакви огласи да ги пријават преку користење на менито во десниот горен агол на огласот (…/Report Ad/Misleading or Spam). На тој начин ќе му помогнете на Фејсбук прво да обрне внимание на овие огласи и евентуално да спречи нивно појавување во иднина.

По пријавувањето на сомнителен пост, Фејсбук дава можност за дополнително информирање и избор на опции во врска со прикажување огласи во иднина.

По пријавувањето добивате и објаснение зошто баш вам ви бил прикажан тој оглас: бидејќи е платено да се прикажува на луѓе од Вашата возрасна група (во случајот постари од 18 години) и од одредена примарна локација (во случајот Република Северна Македонија).

Објаснение од Фејсбук „Зошто го гледате овој оглас“ со образложение дека било платено да се прикажува на луѓе со одредени демографски карактеристики.

Доколку сте кликнале на ваков оглас и потоа на страницата каде што ве одвел сте оставиле лични податоци, или се сомневате дека преку злонамерниот софтвер имало можност да се навлезе во вашиот компјутер тогаш:

  • Обратете се на ИТ-професионалец да ви инсталира соодветен антивирус и да го провери компјутерот.
  • Доколку авторите на овие страници имале можност за пристап до вашите податоци, пријавете го случајот во единицата за компјутерски криминал при МВР. Тоа може да го сторите преку надлежната полициска станица (тел. 192) кои потоа ќе ве спојат со колегите. Е-пошта на одделот за компјутерски криминал е cybercrime@moi.gov.mk.

А ЗОШТО БАШ ШВЕДСКА?

Шведска како земја-членка на Европската Унија која има висок углед како добро место за живеење последните години е цел на руската пропаганда, како и на пропагандата на режимите кои како и Кремљ имаат слични цели да се спречи интеграцијата на Европа во една целина.

Во изминатите години низ Европа од одредени пропагандни центри се ширеа низа дезинформации чија цел беше да се разубедат жителите на тие земји да размислуваат за преселување во Шведска, а како дел од приказната дека „сите се исти“ или „секаде е лошо“.

Како дел од тој тренд, на македонската јавност се пласираа низа тенденциозни и непоткрепени тврдења од типот:

Многу е веројатно дека луѓето кои се навикнати да „голтаат“ вакви дезинформации од политички причини се проценети како, исто така, подложни на дезинформирање и од комерцијални причини. Така, интернет-разбојниците кои намерно се обраќаат до македонски корисници на Фејсбук со бомбастични приказни за пропаст во Шведска веројатно сметаат дека ќе профитираат од ниското ниво на медиумска писменост и спремноста да се поверува на тврдења кои се поклопуваат со однапред наметнати политички ставови.

Комерцијалната експлоатација на политичката пропаганда не е нова на Балканот. Така, на пример, инсталираните позитивни чувства кон Русија побудени преку повеќегодишна медиумска кампања се користат и за продавање списанија за алтернативна медицина во кои таа се претставува како „светска сила“ во областа на здравството.