fbpx

Дезинформации за навлегување на руската војска во Белорусија за да „ги смири демонстрациите“

-

Откако на социјалните мрежи и преку чет апликациите почнаа да се шират видеа на кои се гледаат воени транспортери и автобуси полни со војници, со тврдење дека тоа е руска војска која или веќе навлегла во Белорусија или „само што не влегла“, проверувачите на факти од Белорусија бргу ги разоткрија ваквите наводи како дезинформации.

Како што нагласува Франак Вјачорка, аналитичар од Минск, надворешен соработник на „Атлантскиот Совет“ и заменик-претседател на ДигиКомНет, меѓународна асоцијација на професионалци од дигиталната сфера која им помага на новинарите, таквите тврдења се невистините, но сепак треба да се биде внимателен.

 

Тврдењата на Вјачорка ги поткрепуваат и негови колеги од Русија, односно Conflict Intelligence Team. И тие анализирале видео од конвој транспортери БТР 80 АПЦ, за кој се тврдело дека е руски. Нивните проверки велат дека најверојатно станува збор за белоруски падобрански единици кои се транспортираат од Витебск до Хродно, според наредбите на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

 

Инаку, директен повод за ваквите дезинформации е веста од Кремљ, дека во разговор вчера Владимир Путин, претседателот на Русија на својот белоруски колега му понудил помош во воена сила за смирување на демонстрациите против изборните резултати за кои демонстрантите велат дека се фингирани. Русија исто така обвини дека протестите се надворешен притисок врз Русија, но не прецизираше кој е „главниот актер“ на тој притисок.

Во Минск, главниот град на Белорусија, вчера се случи веројатно најголемиот собир на граѓани, а со тоа и најголемиот протест во историјата на оваа земја.

 

Во Белорусија интензивно се протестира повеќе од седмица, откако на 9 август се одржаа претседателските избори во Белорусија. На нив, според според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко добил 80,1 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Светлана Тихановскаја, која во моментов е во егзил во Литванија, добила само 20 отсто од гласовите.

Таа не ги призна изборите, обвинувајќи за фалсификат по што следеше бранот протести на улиците на повеќе градови во Белорусија. На социјалните мрежи и на многу медиуми може да се посведочи за бруталните акции на безбедносните сили на Белорусија и за насилството врз демонстрантите и активистите, од кои голем дел беа апсени. Има и убиени активисти. Во неколку градови на Белорусија се протестира и денеска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.