fbpx

Дезинформации за лекување на Ковид-19 со „чудесен руски лек“ и напиток „препорачан од лекари“

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Балканските сервиси за борба против дезинформациите и за проверка на фактите се интензивно зафатени со оповргнување на низа дезинформации поврзани со новиот корона вирус Ковид-19, кои лесно ги преминуваат границите, односно бргу се преведуваат од еден на друг балкански јазик и се пласираат на нова публика.

На српско-хрватско-босанското јазично подрачје, со зголемувањето на бројот на новооткриени случаи на Ковид-19, на социјалните мрежи и во онлајн-медиумите сѐ почесто се појавуваат лажни вести за чудесни лекови или лекарства што можат или да спречат да се развие болеста, ако се заразите, или лесно и бргу да ве излекуваат.

Со еден таков пример се зафати српскиот сервис за борба против лажните вести „FakeNews Tragač“ – станува збор за рускиот лек „Арбидол“ за кој во една Фејсбук-група биле изнесени тврдења дека во Русија се купува како лек и како профилактично средство. Во тврдењето се велело дека лекот е направен во 2019 година.

„FakeNews Tragač“ анализира и порачува дека ако навистина лекот бил ефикасен, секако и сите земји а и Светската здравствена организација, би го купувале и би го давале на населението, посебно ако се има предвид дека во Русија чини нешто малку повеќе од 100 македонски денари за кутија.

Дополнително, „Фејк Њус Трагач“ потсетува и на наводите од СЗО дека досега нема ниту едно докажано ефикасно и препорачано средство против новиот корона вирус.

„Арбидол“ всушност е заштитено име на генеричкиот лек „умифеновир“ кој е создаден уште во 1970-те години во Советскиот Сојуз, неговиот патент е истечен во 2007 година, а сега го произведуваат поголем број компании во Русија, Белорусија и Кина. Иако има некои клинички испитувања што покажуваат дека има дејство против грипот и некои други вирусни инфекции, и СЗО и американската Управа за храна и лекови не го ставиле на своите листи на лекови за лекување вирусни заболувања.

„Фејк Њус Трагач“ информира и дека „Арбидол“ во Русија се купува без лекарски рецепт, а популарноста му скокнала за 80% проценти откако по избивањето на епидемијата, фармацевтската компанија „Отисифарм“ почнала рекламна кампања во која наведувала дека е ефикасен против корона вирусот. Поради тоа, Федералната антимонополска управа на Русија почнала истрага и утврдила дека со кампањата е прекршен Законот за огласување, оти се рекламирани својства што производот ги нема.

Сличен пример на „чудесно лекарство“ откри и босанскиот сервис за борба против дезинформациите „Raskrinkavanje.ba“. Имено, голем број портали од БиХ, во изминатиов месец објавиле рецепт за напиток главно на овошна основа, за кој тврделе дека помага да не се заразите со новиот корона вирус.

Притоа, голем дел од нив насловите ги почнувале со: „Докторите апелираат да го зајакнете имунитетот…“

Како што утврдила новинарката на „Raskrinkavanje.ba“, истиот рецепт се објавувал и во изминатава деценија, но бил посочуван како „лекарство“ за други болести. Притоа, тврдењето за лекарски препораки е измислено, пишува во анализата, оти дефинитивно СЗО не го ставила напитокот на листата на своите препораки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си. Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа...